Министерството за правда уште нема донесено решение за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, а 12 албански кандидати ќе мора да го полагаат испитот на македонски во октомври, што го критикуваат од ДУИ како одложување на проблемот.
Правосудниот испит на албански јазик, на пат кон решение? Министерството за правда подготвува средба со студентите и деканите на правните факултети. Но, додека министерот Јетон Шасивари продолжува со консултации и најави, 52 кандидати ќе го полагаат октомврискиот испитен рок на македонски јазик, од кои 12 се Албанци, реагираат од ДУИ.
Ова, додаваат од партијата, не е решение, ова е одложување.
„Шасивари, некогаш како професор, го критикуваше тогашниот министер за правда поради оневозможувањето на полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Денес, како министер, наместо да го реши ова прашање, бара уште време, средби и консултации.
Истата шема се повторува, како што видовме и слушнавме кај другите експоненти на ВЛЕН: ветувања кога се во опозиција, а одложувања и оправдувања кога се на власт.
На албанските студенти не им треба уште едно ветување. Им треба решение што ќе се спроведе“.
Од ДУи бараат Шасивари да одговори: „ако правосудниот испит на албански јазик навистина е „на пат кон решение“, зошто 12 албански кандидати и во октомврискиот испитен рок треба да го полагаат на македонски јазик?
ДУИ бара ова прашање да се реши веднаш, а не, како што велат, да се користи како уште едно одложено ветување.








