Ѕвездата на „Белиот лотос“, Обри Плаза, привлекла внимание со елегантното црно издание, но и со фактот дека ова е едно од нејзините први појавувања по раѓањето на ќерката.
Актерката пристигнала на премиера на серијата „East of Eden“ (Источно од рајот) одржана во престижниот хотел „Плаза“, каде што за оваа пригода избрала софистицирана комбинација составена од проѕирна црна блуза, сако и здолниште до колена.

Ненаметлива, но впечатлива, актерката покажала дека на црвениот килим се чувствува како дома, иако зад неа е период исполнет со големи животни промени.
На премиерата ѝ се придружил и нејзиниот партнер Кристофер Абот, кој има една од улогите во долгоочекуваната серија. Двајцата ја започнале врската минатата година, а по раѓањето на ќерката се преселиле од Лос Анџелес на источниот брег на Соединетите Американски Држави.
Враќањето на Обри пред фотографските објективи привлече особено внимание поради сè низ што поминала во изминатиот период.

Имено во јануари 2025 година починал нејзиниот поранешен сопруг Џеф Баена, режисер и сценарист со кого со години била во брак, иако во моментот на неговата смрт живееле разделено. Баена извршил самоубиство, а неговата смрт претставувала голем личен удар за актерката.
Сега, седум недели по породувањето, Плаза повторно се појавила под светлата на рефлекторите, овојпат во друштво на својот партнер и пред бројни фотографи. Нејзиното појавување на премиерата покажува дека по исклучително тежок период влегува во сосема ново поглавје од животот.










