Макрон ја повика Велика Британија да се врати во Европската Унија

Макфакс

30/09/2026

21:30

179

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави најавата на британскиот премиер Енди Бернам дека Велика Британија може да размисли за целосно враќање во Европската Унија, велејќи дека таков потег би бил „мудра одлука“.

Бернам денес ја отвори можноста за фундаментален преглед на односите меѓу Лондон и Брисел, наведувајќи дека на маса се различни опции – од одржување на сегашниот модел, преку царинска унија и враќање на единствениот пазар, до повторно членство во ЕУ. Тој рече дека британската влада има намера да разгледа што е реално остварливо и кои би биле предностите и последиците од секој од овие модели.

Кога беше прашан за изјавите на Бернам, Макрон го започна својот одговор на англиски јазик:

„Добредојдовте назад“.

Францускиот претседател оцени дека евентуалното враќање на Велика Британија би било добра вест и за таа земја и за Европа, додавајќи дека Бернам покажал политичка храброст со отворањето на прашање кое со години беше практично затворено во британската политика.

„Мислам дека би била мудра одлука. И мислам дека е во право да покаже таква храброст. Во секој случај, ние ќе бидеме таму за да се обидеме да помогнеме работите да функционираат“, рече Макрон.

Во исто време, Макрон ги истакна ограничувањата со кои се соочува Велика Британија додека се обидува да ја продлабочи соработката со Европската Унија, а во исто време да остане надвор од нејзините институции.

Тој нагласи дека не е можно да се изберат само одредени придобивки од европскиот систем, а да се отфрлат други обврски што произлегуваат од членството.

„Човек не може да избира помеѓу слободите на Унијата, ниту да зема само она што одговара на сопствените интереси, а да го отфрла останатото“, рече францускиот претседател, завршувајќи со повик до Велика Британија: „Вратeте се“.

Бернам претходно рече дека не сака прашањето за долгорочните односи на Велика Британија со ЕУ да остане нерешено. Според него, Велика Британија мора јасно да ја одреди насоката во која ќе се движи во наредните децении, особено имајќи ги предвид економските и политичките последици од Брегзит.

Британскиот премиер најави дека пред британско-европскиот самит планиран за ноември ќе бидат презентирани различни опции за идните односи со Унијата. Тој, исто така, оцени дека Брегзит ѝ донел „повеќе штета отколку корист“ на Велика Британија.