Словенечкиот селектор: Не смее да има еуфорија, Македонија не припаѓа во самата елита

Дерби

30/09/2026

12:34

233

Големина на фонт

а а а

Во дуел на две репрезентаци кои пристигнаа прилично раздрмано на натпреварот на „Стожице“, како помирни се покажаа домашните фудбалери, па така Словенците успеаја барем за момент да ги растргнат црните облаци кои надвиснаа врз проектот на Боштјан Цесар.

Словенечкиот селектор се најде под голем притисок откако го наследи легендарниот Матјаж Кек и ова беше прва официјална победа за него на меч од натпреварувачки карактер, па иако истиот дојде во вистинско време, Цесар им порача на своите играчи дека не треба да летаат во облаци.

Словенија беше подобар ривал и со победата од 2:0 ја продолжи кризата на нашата репрезентација, а бидејќи словенечките медиуми го пренесоа овој резултат како крајно позитивен после бледите изданија во последно време, Цесар нагласи дека во мислите на играчите треба да биде следниот голем тест, а тоа е дуелот со Швајцарија.

– Многу сум среќен што втор натпревар по ред ја сочувавме својата мрежа чиста и што верувавме дека ќе постигнеме гол. Имаше мала фрустрација откако Випотник ја погоди гредата уште на самиот старт, но останавме доволно мирни за да реализираме некоја од следните шанси.

– Честитки до момците, одиграа совршен натпревар и ова треба да биде појдовна точка. Треба да напредуваме од натпревар во натпревар, но не смее да владее еуфорија после овој меч. Игравме против добар тим, но Македонија сепак не припаѓа баш во самата фудбалска елита, – порача Цесар.