Стоп за фемицидот: Заедничка одговорност за заштита на жените

Макфакс

29/09/2026

16:40

147

Големина на фонт

а а а

Вториот ден од Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која се одржува во Собранието, продолжи со осврт на клучните теми и заклучоци од првиот ден на конференцијата.

Во воведниот дел, Диана Жупаноска, национална офицерка за владеење на правото и човекови права во Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Северна Македонија, се осврнаа на улогата на граѓанските организации во превенцијата и справувањето со фемицидот, значењето на надзорната расправа и потребата од ефикасно функционирање на мултисекторските тела.

Посебен фокус во продолжение на конференцијата беше ставен на оперативните стандарди за идентификување и истражување на родово поврзани убиства. На панел-дискусијата учествуваа Џема Николас, членка на Одборот на директори на Унитарната платформа против родово насилство од Шпанија, која се вклучи онлајн, Иванка Марковиќ, судијка на Уставниот суд на Република Српска и редовна професорка по кривично право и кривично процесно право на Универзитетот во Бања Лука, Босна и Херцеговина, како и Сања Станковиќ, виша советничка при Комесаријатот за заштита на еднаквоста на Србија.

Панелот беше модериран од Милица Стојановиќ, виша правна офицерка во Присуството на ОБСЕ во Албанија.

Во рамки на дискусијата беа разгледани практичните аспекти на препознавањето на родовата поврзаност кај убиствата на жени, потребата од соодветна истрага и документирање на случаите, овозможување на бесплатна правна помош, како и важноста на примената на јасни и усогласени оперативни стандарди од страна на институциите.

Втората панел-дискусија беше посветена на оперативните стандарди за собирање податоци за фемицид. На оваа тема говореа Дубравка Шимоновиќ, поранешна специјална известувачка на Обединетите нации за насилство врз жени и девојчиња, Брунилда Дервишај, помошник-комесарка на Генералниот оддел и тематска експертка за фемицид во Опсерваторијата за фемицид во Албанија, Аделина Бериша, програмска директорка за справување со родово базирано насилство во Косовската мрежа на жени од Приштина, и Билјана Настовска, надворешна соработничка на Мисијата на ОБСЕ во Косово.

Панелот го модерираше Жанета Попоска, национална офицерка за владеење на правото и човекови права во Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Учесниците разговараа за значењето на квалитетното и систематизирано собирање податоци за фемицид, како основа за подобро разбирање на појавата, креирање ефективни политики и унапредување на институционалниот одговор. Беше истакната и потребата од воспоставување усогласени методологии и стандарди кои ќе овозможат споредливи и релевантни податоци во земјите од регионот.

Во завршниот дел од конференцијата беа презентирани заклучоците, препораките и следните чекори, со што беа заокружени дводневните дискусии посветени на унапредување на институционалниот и општествениот одговор кон фемицидот.

Диана Жупаноска, национална офицерка за владеење на правото и човекови права во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и Елмаја Бавчиќ, советничка за родова еднаквост во Секретаријатот на ОБСЕ, ги истакнаа клучните поенти од конференцијата. Меѓу нив беа потребата од обука на јавните обвинители и другите чинители за навремено препознавање на родово базираниот мотив уште во почетната фаза на постапката, како и унапредување на проценката на ризик. Беше нагласена и потребата од сеопфатни практики за поддршка и заштита на децата погодени од случаи на фемицид.

Како значаен предизвик беше посочена и потребата од подетални анализи на случаите, имајќи предвид дека анализите што се потпираат единствено на медиумски извештаи не обезбедуваат целосна слика. Во таа насока, беше истакната важноста на квалитетните податоци и поголемата соработка меѓу институциите.

Конференцијата ја затвори Сузан Пенкса, заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која ја истакна важноста на ваквите конференции и размената на разновидна експертиза. Таа ги издвои четирите клучни области за понатамошно дејствување: навремено препознавање на родово базираниот мотив и утврдување на пропустите во системот, ефективно спроведување на законодавството, унапредување на податоците и нивното користење за идентификување на недостатоците, како и ефикасен институционален одговор и политичка волја.

„Препораките ќе ни дадат основа за нашата понатамошна работа на национално ниво. Од сите нас зависи како ќе делуваме и како ќе го примениме сето она што го разменивме во текот на овие два дена“, беше пораката во завршницата на конференцијата.

Дводневната регионална конференција овозможи размена на искуства, практики и препораки од земјите од Југоисточна Европа, со цел унапредување на превенцијата, идентификацијата, истрагата и документирањето на фемицидот и зајакнување на институционалните механизми за заштита од родово базирано насилство.