Министерот Беким Сали учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан во Виена, каде што истакна дека процесот на европска интеграција треба да донесува конкретни придобивки за граѓаните, посебно младите, преку образование, обука и економски можности.
Првиот заместник-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан во Виена, на покана на австриската министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Бауер.
Во дискусиите за иднината на Западен Балкан, министерот Сали истакна дека процесот на проширување треба да носи видливи придобивки за граѓаните и пред членството. Посебен акцент стави на младите и на потребата од повеќе можности за образование, стручна обука, практикантство, истражување и размена со европските партнери.
„За нашиот млади, европската иднина треба да значи реални можности да учат, да се развиваат и да ја градат својата иднина во својата земја“, истакна Сали.
Говорејќи за постепената интеграција, министерот ги посочи олеснувањето на трговијата преку Зелените коридори, учеството во СЕПА и дигиталната соработка како примери за конкретните придобивки што приближувањето кон Европската Унија може да им ги донесе на граѓаните и компаниите. Тој нагласи дека поширокото учество во програмите, политиките и единствениот пазар на ЕУ треба да се заснова на јасни критериуми, спроведени реформи и почитување на владеењето на правото.
Министерот Сали истакна дека Северна Македонија останува целосно посветена на реформите и на членството во Европската Унија. Воедно, повика процесот на проширување да остане праведен и предвидлив, а постигнатиот напредок на земјите кандидати да се оценува според објективни европски критериуми.
На крајот, министерот Сали ѝ се заблагодари на Австрија за организацијата на конференцијата и за континуираната поддршка на европската перспектива на Западен Балкан.











