Македонците „Чат ГПТ“ го користат повеќе за муабет, а помалку за работа

Макфакс

28/09/2026

13:31

125

Големина на фонт

а а а

Статијата ги прикажува навиките на Македонците во користењето на ChatGPT, нагласувајќи дека тие го користат повеќе за неформален разговор и лично изразување, а помалку за работни цели во споредба со другите европски земји.

Во споредба со другите европски земји, Македонците почесто го користат ChatGPT (Чат ГПТ) за разговор, лични размислувања и секојдневни проблеми, а поретко за работа.

Само 18,1 отсто од пораките се поврзани со работа, додека речиси 40 отсто се барања за совет, учење или помош како нешто да се направи.

Анализата на Институт Демократика покажува и дека Македонија е меѓу земјите во Европа каде ChatGPT најмногу се користи за неформален разговор и лична интеракција. OpenAI ги дели разговорите со ChatGPT според тоа што корисникот сака од него. Некогаш бара информација или совет, некогаш му дава конкретна задача, а некогаш едноставно разговара. Во оваа последна група спаѓаат поздрави, неформален разговор, лични размислувања, односи и игри.

Токму тука Македонија се издвојува. Кај пораките што не се поврзани со работа, Македонците најмногу од сите споредени европски земји го користат ChatGPT за ваков тип разговор.

Во јуни Македонија била и единствената земја во која муабетот и личното изразување биле почести од директното поставување прашања. И кога OpenAI ги групира разговорите според темата, сликата е слична. Македонија е трета во Европа по уделот на самоизразување, а на Балканот пред нас е само Србија. За работа, пак, ChatGPT кај нас се користи значително поретко. Македонија е речиси на дното во Европа, а помал удел имаат само Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Уште поважно е што професионалната употреба се намалува.

Во првата половина од 2025 година речиси 29 отсто од пораките биле поврзани со работа. Една година подоцна уделот паднал под 20 отсто. Пад има и во Европа и во светот, но кај нас е поизразен. Овие бројки сепак не ја опфаќаат целата употреба на ChatGPT на работното место. OpenAI Signals ги следи личните планови, но не ги вклучува Enterprise и Codex, па дел од професионалната употреба останува надвор од статистиката.

Она што Македонците најчесто го бараат од ChatGPT се практични совети и решенија. Речиси 40 отсто од пораките се од овој тип. Тука спаѓаат прашања како нешто да се направи, помош при учење, решавање проблеми, здравје, фитнес и лична грижа. Само Романија има поголем удел на вакви прашања. А растот кај нас е брз. Пред една година практичните совети биле помалку од една третина од сите пораки. Денес се речиси 40 отсто. Ако се споредат вторите квартали од 2025 и 2026 година, Македонија од единаесетто стигнала на прво место во Европа.

Македонците и ретко директно бараат информации. Тука сме под европскиот просек и на последно место од 36 анализирани европски земји. Во јуни само 16,4 отсто од пораките биле директно барање информација. Но тоа не значи дека Македонците не бараат знаење. OpenAI прашањата за учење, совети и решавање проблеми ги става во друга категорија, практични насоки. И ова последно место засега треба да се гледа внимателно. До април Македонија била многу поблиску до европскиот просек. Падот се појавил дури во мај и јуни, па сè уште е рано да се каже дека станува збор за траен тренд.

Македонците поретко го користат ChatGPT и за пишување, превод, резимирање и уредување текстови. И тука сме под европскиот просек, а тоа не е нова појава. Во сите 21 3 месец за кои има споредливи податоци Македонија била под европската медијана.

На Балканот понизок удел имаат само Босна и Херцеговина и Албанија. Одделните податоци на Евростат покажуваат колку луѓе воопшто користат генеративна вештачка интелигенција. Во Македонија тоа е нешто повеќе од една петтина од населението на возраст од 16 до 74 години. Во Грција употребата е речиси двојно поголема.

Пред Македонија се и Словенија, Хрватска, Албанија и Бугарија, додека зад нас се Босна и Херцеговина, Србија и Романија.

Податоците на Евростат и OpenAI не мерат иста работа. Евростат покажува колку луѓе користат генеративна вештачка интелигенција, а OpenAI Signals покажува што прават оние што веќе го користат ChatGPT. Анализата на Институт Демократика се базира на OpenAI Signals v2.0 и опфаќа примерок од 300.000 пораки месечно од јули 2024 до јуни 2026 година. Податоците се однесуваат на пораки, а не на луѓе, па од нив не може да се утврди колку Македонци користат ChatGPT или колку често го користат.

Целосната анализа со табелите и графиконите е достапна на ЛИНКОТ.