Отстранет небезбеден објект во Маџир Маало, хигиената и здравјето на граѓаните се приоритет, порача Герасимовски

Макфакс

25/09/2026

10:10

226

Големина на фонт

а а а

Општина Центар отстрани опасен и руиниран објект во Маџир Маало кој претставуваше сериозен ризик за безбедноста и здравјето на граѓаните. Објектот бил дива депонија и легло на штетници, а по неговото целосно расчистување градоначалникот истакна дека приоритет се хигиената, здравјето и безбедноста.

Општина Центар отстрани руиниран и напуштен објект на улицата „Петричка“ во Маџир Маало, кој со години претставуваше сериозен ризик за безбедноста и здравјето на граѓаните.

По извршената инспекциска проверка е утврдено дека станува збор за објект без сопственик, импровизирана градба која беше претворена во дива депонија, легло на глодари и други штетници. Објектот е отстранет, а теренот целосно расчистен од шутот и наталожениот отпад.

Отстранување и чистење

„Секаде каде што имаме надлежност, ги расчистуваме вакви критични точки. Најчесто станува збор за објекти кои со децении имаат проблем со нерасчистени имотно-правни односи. Ваквите стари и распаднати градби со тек на времето стануваат депонии, места каде се собираат бездомници и животни. Но, секогаш кога законот ни дозволува, постапуваме веднаш и решително, бидејќи безбедноста на граѓаните, хигиената и чистата и здрава животна средина се врвен приоритет“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Од Општина Центар апелираат до граѓаните да ги пријавуваат ваквите локации, со цел надлежните служби навреме да реагираат и да ги отстранат потенцијалните ризици по безбедноста, здравјето и хигиената.