На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, која постави три пратенички прашања, од кои првите две прашања ги упати до министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски додека третото прашање, Арсова го упати до министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Арсова посочи дека денешното дигитално општество зависи од постоењето на дигиталната инфраструктура чија основа се дата-центрите кои впрочем ја претставуваат и современата дигиталната економија при што ги спомена и најавите за развој на дата-центри во Македонија како дел од пошироката стратегија за привлекување на инвестиции, но и стравот којшто го шири опозицијата во однос на изградбата на истите.
„Наместо од секоја нова технологија однапред да направиме закана, треба да разговараме за тоа како таа технологија ќе ја развиеме одговорно и како Македонија и граѓаните ќе имаат придобивки од неа. И наместо да шириме страв и да се прашуваме дали во Република Македонија треба да има дата-центри, треба да се прашуваме како Македонија може да ги привлече, како да обезбеди најголема корист за граѓаните и како тоа да го направи одговорно и транспарентно“, рече Арсова и додаде:
„Секако дека треба план за енергетските потреби, треба одговорно користење на природните, водните ресурси, треба да се почитуваат стандардите за заштита на животната средина, но тоа не значи дека треба како држава постојано да ги бараме ризиците пред да ја видиме можноста“.
Арсова посочи дека кога светот оди напред кон вештачка интелигенција и инвестира во огромна дигитална инфраструктура, тогаш на Македонија на располагање и стојат две можности или да ги користи туѓите технологии и туѓата дигитална инфраструктура или да ги препознае можностите и да ја развива оваа дигитална инфраструктура, по што во продолжение го постави нејзиното прво прашање до министерот Андоновски кое гласеше:
„Дали ќе се реализираат најавените дата-центри во земјава и што конкретно значи нивната изградба за македонската економија, инвестициите и отворањето на нови работни места?“, праша Арсова.
Второто прашање на Арсова беше исто така упатено до министерот за дигитална трансформација, Андоновски, а се однесуваше на придобивките од процесите на дигитализација и дигиталната трансформација, при што заклучи дека истите би имале смисла само доколку, како што вели Арсова, истите го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните.
„Во таа насока, посебно внимание заслужува идејата услугите на државата да бидат достапни на едно место, односно на националната дигитална платформа, мобилната апликација „М-Услуги“, преку која граѓаните ќе можат да ги имаат своите лични документи директно на своите мобилни телефони. Од информациите што ги имаме, апликацијата е веќе тестирана, а добиените забелешки се искористени за нејзино подобро функционирање и за безбедноста на податоците“, кажа Арсова и го запраша министерот Андоновски: „Што опфаќа апликацијата „М-Услуги“, кога граѓаните ќе можат да ја користат и кои услуги ќе бидат достапни преку неа?“
Арсова нејзиното трето прашање го упати до министерката за образование и наука, Јаневска, а по повод инвестицискиот циклус во образовната инфраструктура, при што потенцираше дека изминатите две години интензивно се реконструираат и доградуваат училишта, се создаваат услови за едносменска настава, за целодневен престој, како и фактот дека паралелно со тоа после долг временски период се работи и на целосна реализација на реконструкција на сите студентски домови во државата.
„Тоа се инвестиции кои директно влијаат врз условите во кои учат и престојуваат младите, а истовремено и врз квалитетот на образованието“, потенцираше Арсова и запраша:
„Колку училишта се реконструирани во изминатите две и пол години и колку средства се инвестирани, во подобрување на условите за учениците, до каде е процесот на реконструкција на студентските домови и кога се очекува овој процес да биде завршен?
















