Компанијата „Converse“ се извини поради рекламата што предизвика бројни критики бидејќи поединечни визуелни елементи потсетиле на Кју Клукс Клан и линчување. Компанијата во сопственост на „Nike“ потврди за „Footwear News“ дека спорниот материјал со К-поп ѕвездата Карина го отстранила од своите профили на социјалните мрежи.
„Жал ни е“, порачаа од „Converse“. „Разбираме зошто оваа слика е длабоко вознемирувачка и признаваме дека згрешивме. Ја отстранивме од нашите канали и работиме на тоа да ја отстраниме секаде каде што се појавила. Ова не смееше да се случи и ќе бидеме подобри“, додадоа тие.
Видео-рекламата, која кон крајот на август почна да се објавува на меѓународните пазари, ја прикажува Карина од групата „Aespa“ во бело здолниште до средината на листовите и црно-бели патики „Converse“. Во одредени кадри, на бел ѕид е проектирана сенка од препознатливата ѕвезда на „Converse“.
Сепак, најголеми критики предизвика една фотографија од придружното снимање. На неа еден крак од ѕвездата на „Converse“ е проектиран врз здолништето на Карина, така што создава форма што потсетува на белата качулка на Кју Клукс Клан.
Дополнителни реакции предизвика фотографијата на која пејачката држи пар патики „Chuck 70 X“ кои висат надолу. Некои корисници на социјалните мрежи истакнаа дека таа глетка ги потсетува на нозете на жртва на линчување.
Реагираше и американски конгресмен
На кампањата реагираше и Трој Картер, конгресмен од Луизијана, кој во петокот објави соопштение во кое го осуди брендот поради, како што наведе, обидот да ги отстрани спорните визуелни елементи без соодветно признавање на она што се случило.

„Јас сум црнец, син на Југот и член на Конгресот од Луизијана. Таму од каде што доаѓам, глетката на црнци кои висат од дрвја не е древна историја. Таа болка сè уште живее во нашите семејства и заедници“, додаде тој. „Белата качулка не е некаков безопасен костим. Таа е симбол на терор, убиства и генерации расно насилство“.
Картер порача и дека „болката на црнците не е маркетиншки реквизит“ и тврдеше дека брендот нанел „вистинска штета“ и дека мора да одговара за своите постапки. „Линчувањето не е креативен концепт. Кју Клукс Клан не е естетика“, заклучи тој.
Некои луѓе ги палат своите патики „Converse“
Извинувањето засега, се чини, не ги смирило дел од купувачите. На ТикТок се појавија снимки од корисници кои ги палат своите патики „Converse“, додека други порачаа дека трајно ќе го бојкотираат брендот.
„Дури и ако „Converse“ немал таква намера, кој и да одлучил дека е добра идеја да ја објави оваа реклама во ваква политичка клима е целосен идиот и заслужува да ја изгуби работата“, рече еден корисник на ТикТок.
Но, не сите во рекламата виделе исто. Во дискусиите на интернет, дел од корисниците напишале дека на прв поглед фотографијата воопшто не им изгледала спорна.
Еден корисник на Редит рекол дека не видел ниту качулка ниту поврзаност со ККК и дека рекламата не му изгледа намерно проблематична, иако смета дека „Converse“ требало да предвиди како другите би можеле да ја протолкуваат. Друг напишал дека фотографијата му изгледала како сосема обична реклама сè додека не ги прочитал објаснувањата на другите корисници.
Има и такви кои сметаат дека целата контроверза е претерана. Еден корисник напишал дека ниту откако прочитал зошто луѓето се бунат, не гледа ништо спорно и дека на фотографијата гледа само „триаголник од светлина на бел фустан“ и патики во реклама за патики.
Помеѓу тие два става се појавува и трет: некои корисници велат дека сега можат да разберат зошто фотографијата предизвикала такви асоцијации, но не веруваат дека тоа била намерата на кампањата. „Не ми изгледа намерно, но некој дефинитивно требало да го забележи тоа пред објавувањето“, напишал еден од нив.
















