Општина Ѓорче Петров го одбележа својот ден со положување цвеќе и свечена седница на Советот, истакнувајќи ја важноста на минатото и постигнатите проекти кои подобруваат услови за живот и образование, како и инвестирање во спорт и социјални услуги.
Со положување цвеќе на споменикот на патронот Ѓорче Петров и со свечена седница на Советот, општината денеска го одбележа својот празник – Денот на Општина Ѓорче Петров.
Пред споменикот на Ѓорче Петров, бројни делегации положија цвеќе и оддадоа почит кон ликот и делото на македонскиот револуционер, просветител, учител и историчар, чие име со гордост го носи општината.
По положувањето цвеќе, одржана беше свечената седница на Советот на Општина Ѓорче Петров на која беше одбележано значењето на празникот, но и постигнатото во изминатиот период, со посебен акцент на проектите и инвестициите што придонесуваат за подобрување на условите за живот на граѓаните.
- Ѓорче Петров не е само име на нашата општина. Тој е дел од нашата историја, нашето наследство и вредностите што не обврзуваат и денес. Нашата обврска е на секоја следна генерација да и оставиме подобро Ѓорче Петров од она што сме го наследиле – рече градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Во изминатиот период, нагласи Стојкоски, Општина Ѓорче Петров реализираше бројни инфраструктурни, образовни, социјални и спортски проекти.
- Особено значаен е инвестицискиот циклус реализиран преку проектот „Ѓорче Петров без кал“, во рамки на кој се реконструираа и уредија над 300 улици, се подобруваше патната инфраструктура и се создаваа подобри услови за секојдневно движење на граѓаните. Паралелно со инфраструктурниот развој, општината инвестира во образованието и грижата за најмладите. Започната е доградба на основните училишта „Јоаким Крчовски“, „Страшо Пинџур“ и „Димитар Поп Георгиев – Беровски“-подрачно, со што се создаваат услови за зголемување на училишните капацитети и воведување едносменска настава – истакна Стојкоски.
Во Волково, додаде, отворен е нов објект за најмладите, започна изградбата на нова детска градинка во Стопански Двор, а се реализираат активности и за изградба на нова образовна институција од ваков вид во Дексион.
Во областа на спортот, изградени се нови спортски терени и реконструирани постојните, додека во Хром е изградена нова училишна спортска сала, со што учениците добиваат современи услови за спорт и рекреација.
Посебно место во развојот на општината имаат и проектите од социјалната сфера, меѓу кои Регионалниот центар во Кучково за деца кои го победиле канцерот, како и Центарот за дневен престој и индивидуален третман за деца и млади со попреченост.
Претседателката на Советот на Општина Ѓорче Петров, Бранкица Дуковски во своето обраќање се осврна на одлуките донесени на Совет кои носат подобар живот за сите граѓани, наведувајќи ги финансиската поддршка за првооделенците, деветооделенците, учениците со попреченост, поддршката за потомците на бранителите, како и низа други мерки кои го олеснуваат секојдневието на жителите на Ѓорче Петров.

На седницата на Советот беа доделени и плакети, дипломи и признанија за најуспешните ученици во повеќе области. Добитник на годишната награда на Општина Ѓорче Петров е поранешниот градоначалник Сокол Митровски.
Одбележувањето на Денови на Општина Ѓорче Петров продолжува вечерва и утревечер во реонскиот парк со уметничко-забавна програма за сите генерации.
















