Барселона имаше ново гол шоу во шпанската Примера овојпат против Расинг Сантандер кој настрада на „Камп Ноу“ со 7-2.
Каталонците беа доминантни и го разбија вчерашниот противник на кого и му подарија два погодоци со лоши реакции особено онаа на ветеранот Шчесни, но Барса има стил, систем кој засега фантастично функционира, а на врвот на таа пирамида во моментов е Рафиња.
Шпанскиот првак остана без Роберт Левандовски и Феран Торес во летниот преоден рок и тренерот Ханси Флик одлучи да му даде нова улога на Бразилецот кој игра како „деветка“ што му одговара и потврда за тоа се единаесетте постигнати голови на седум мечеви.
- Секогаш е важно да се размислува за тоа како треба да се подобриш. Никогаш нема да кажам дека сè е совршено, секогаш се обидувам да се подобрам колку што можам. Среќен сум со головите и победата, тоа е најважно, но мора да продолжиме да се подобруваме. Се чувствувам удобно, постигнувам голови, - рече Рафиња кој говореше и за комплетната екипа.
- Играчите се гладни, секогаш сакаат повеќе. Имаме таков менталитет дека секогаш кога можеме, сакаме да создадеме што е можно повеќе шанси и тоа се гледа на теренот. Ние сме исклучително обединети и се поддржуваме едни со други. Секогаш треба да мислите на тимот. Во првото полувреме, на Ламин не му одеше добро, промаши, но ништо страшно не се случи. Секогаш кога можам, ќе му помогнам нему, но не само нему. Ние сме едно семејство, -истакна капитенот кој уште еднаш го потенцираше влијанието на Ханси Флик.
- Тој е тренер кој го промени и мојот менталитет и начинот на кој се гледав себеси. Секогаш го нагласував тоа. Многу сум му благодарен за тоа, - заклучи офанзивецот.








