Рамош: Сакам да дадам гол против Бенфика, но…

Дерби

16/09/2026

12:06

174

Големина на фонт

а а а

Милан-Бенфика е еден од дуелите кој ќе го одбележи првото коло во Лига Европа, натпревар кој е закажан за вечерва од 21 часот на „Сан Сиро“.

Ова треба да биде возбудлив, драматичен меч, соочување со борба од првата до последната минута. Домаќините дефинитивно се надеваат на позитивен старт, победа пред своите гледачи, а еден од главните адути за остварување на таа цел е Гонсало Рамош.

Рамош беше доведен да донесе голови за „росонерите“ и напаѓачот се надева дека ќе ја матира Бенфика, меѓутоа порача дека нема да слави против поранешниот клуб.

- Малку е чудно што сезоната започна пред еден месец, а ние речиси и не игравме дома. Ќе биде тежок натпревар, но играњето на Сан Сиро е секогаш посебно. Ја чувствуваме поддршката од нашите навивачи и секогаш помага играњето дома. Има тој поинаков вкус. Ќе сакаме да го искористиме факторот дома за наша поддршка и да ја зголемиме самодовербата поради одличната поддршка што ни ја покажуваат навивачите, - истакна Португалецот и додаде:

- Нема да славам затоа што Бенфика е мојот „дом“, така да се каже. Поминав повеќе време во Бенфика отколку во мојот семеен дом, па затоа не сакам да славам. Дефинитивно сакам да постигнам гол, без сомнение. Ако е можно, повеќе од еден, но нема да славам,  -порача Рамош.