„Кучињата можат, а децата не?“: Во Италија има сè повеќе места каде што децата не се добредојдени

Точка

14/09/2026

16:07

279

Големина на фонт

а а а

Откако еден ресторан во Лесмо предизвика голема дебата со одлуката да ги обесхрабри семејствата со деца помлади од седум години да го посетуваат, приказната повторно отвори многу пошироко прашање во Италија.

Рестораните не се единствените – понуди наменети исклучиво за возрасни сè почесто се појавуваат во хотели, бањски центри и туристички места, а во Венето дури се бара дебата за законско регулирање на ваквата практика.

Случајот со ресторанот „Hostaria 2.0“ во Лесмо во последните денови предизвика бурни реакции. Сопственикот Алан Сампиетро ги отстранил детските столчиња и детското мени, а на страницата за резервации предупредува дека ресторанот не е приспособен за деца помлади од седум години. Неговото видео собра два милиони прегледи, а во дебатата се вклучи и градоначалничката на Лесмо, Сара Досола.


Но, случајот од Лесмо не е единствен. Како што уште летово пишуваше италијанскиот „Corriere della Sera“, понудите наменети само за возрасни (adults-only) се сè поприсутни во италијанскиот туризам, особено во Венето.

„Кучињата се дозволени, децата не“

Овој тренд предизвика и политички реакции. Лаура Бесио, регионална советничка во Венето од партијата „Браќа на Италија“ (Fratelli d’Italia) и поранешна функционерка во Венеција задолжена за образование, побара за ограничувањето на пристапот на децата да почне да се дискутира и на законско ниво.

Бесио смета дека е парадоксално тоа што Италија истовремено се соочува со пад на наталитетот и демографска криза, додека децата, според неа, сè почесто се туркаат на маргините на јавниот живот. Таа се повика и на Конвенцијата на ОН за правата на детето и порача дека феноменот на „child-free“ хотели и угостителски објекти заслужува сериозна дебата.


Сличен став има и Марко Марсеља од италијанскиот Форум на семејства. Тој ситуацијата ја сумирал со реченица која привлече големо внимание: „Кучињата се дозволени, децата не“.

Хотели само за возрасни и тинејџери

Примери не недостигаат. Еден хотел во познатото бањско одморалиште Абано својата понуда ја опишува како „Adult-Teen“, односно како место кое прима гости на возраст од 13 години па нагоре. Целта, како што наведуваат е на гостите да им се овозможи мирна и релаксирачка средина.

Хотели наменети само за возрасни (adults-only) има и во Језоло. Сепак, претставниците на туристичкиот сектор предупредуваат дека сè уште не станува збор за доминантен модел, туку за ниша на туристичкиот пазар.

Даниеле Миното, претставник на хотелиерите во Венеција, го споредува овој концепт со другите специјализирани туристички понуди. Хотелите, на пример, можат да бидат насочени кон одредени групи гости или да бидат пријателски настроени кон домашни миленици (pet-friendly), па така и понудата без деца се смета за еден од начините за издвојување на пазарот.


И плажи без деца

Дебата се отвори и за плажите. Во Бибионе Пинеда постоел одделен дел од плажата каде што не бил дозволен пристап за деца помлади од 12 години. Ова ограничување годинава било укинато, но Лоренцо Браида од здружението на концесионери на плажи тврди дека и понатаму постои побарувачка за негово повторно воведување.

Туристичкиот експерт Дамиано Де Марки смета дека понудата треба да се разгледува и од пазарна перспектива. Италија има огромен избор на сместувачки капацитети, па објектите наменети само за возрасни засега не ги ограничуваат значително можностите за семејствата. Сепак, тој призна дека повеќе не станува збор само за спорадична појава. Ваквата понуда, како што рекол, станува сè поорганизирана, особено во бањскиот и планинскиот туризам.


Каде е границата?

Токму ова прашање повторно го отвори случајот со ресторанот во Лесмо. Неговиот сопственик тврди дека не ги мрази децата, ниту пак може законски да им забрани влез. Тој рекол дека само сака јасно да покаже какво искуство нуди неговиот мал ресторан со 26 места – мирна вечера, пригушено осветлување и интимна атмосфера.

Градоначалничката на Лесмо смета дека одговорност секако имаат и родителите, кои треба да ги научат децата како да се однесуваат во заеднички простор. Но, таа го постави и прашањето дали поради лошото однесување на поединци треба однапред да се исклучи цела група и каква заедница сакаме да создадеме. По полемиката дури се појави и идеја за изработка на мапа на ресторани кои се посебно приспособени за семејства со деца.

Така, дебатата повеќе не се однесува само на еден ресторан и неколку немирни деца. Таа отвора многу пошироко прашање: дали хотелите, рестораните и другите туристички објекти имаат право да нудат мир без деца или ваквиот тренд води кон општество во кое децата стануваат непожелни на сè повеќе места?