До кога наместо да ја поправате државата, ќе се договарате врз гробовите на нејзините деца? ДПМНЕ и СДСМ веднаш да делегираат членови за Анкетната комисија за Пулс, бара Левица

Макфакс

14/09/2026

10:50

204

Големина на фонт

а а а

Левица ја повикува владејачката партија ДПМНЕ и СДСМ веднаш да делегираат членови во Анкетната комисија за трагедијата во Кочани – Пулс, изразувајќи незадоволство од неуспехот на институциите да се справат со трагедијата и повикува на итни реформи.

Срамно е што родителите на загинатите во „Пулс“ мораат да потсетуваат и повторно бараат да проработи Анкетната комисија изгласана уште на 3 декември 2025 година. Фактот што девет месеци подоцна таа сè уште не функционира кажува многу! Покажува држава која полесно се навикнува на трагедијата отколку што се решава да ги отвори механизмите што ја овозможиле. Помина речиси година и половина од Кочани, јавниот шок избледува, политичкиот календар произведува нови теми, а 63 млади животи, за нас нејасно со каква ноншалантност, се туркаат во архивата. А на ваков заборав се надева и инсистира власт која не сака да се соочи со сопствениот менталитет, а уште помалку да ги промени своите практики“, велат од партијата Левица.

„Во специјалната Анкетна комисија каде се опфатени „Пулс“, Модуларната болница, „Беса транс“ и Ласкарци, ДПМНЕ има интерес да не се копа предлабоко во актуелните институционални пропусти околу „Пулс“, додека СДСМ има причина Модуларната да остане што подалеку од политичка расправа, особено откако обвинителскиот предмет за набавките беше затворен, а Венко Филипче побрза тоа да го претстави како сопствено расчистување. И кога взаемното молчење им користи, дилот станува многу поудобен од реформата.

Потсетуваме дека само Левица предложи член и заменик-член во Анкетната комисија. Оваа држава конечно мора да научи дека после трагедија не треба да се менува само обвинителниот список, туку и начинот на кој функционира власта. Ако дозволите се издаваат по истата логика, контролите остануваат формални, инспекциите се сведуваат на административна рутина, ако службеникот може да потпише без реална проверка и ако никој политички не плаќа цена за (не)надзорот, тогаш не сме исправиле ништо. Само сме ги преброиле мртвите и сме продолжиле понатаму.

Потсетуваме и дека Собранието не успеа да ги усвои ниту заклучоците предложени по седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот каде претседател е проф. д-р Димитар Апасиев. Истото од причина што ДПМНЕ се со длабоко изопачен вредносен компас и со своето крајно неодговорно и ирационално однесување поставија како уцена контра-заклучоци коишто немаат никаква поврзаност со изнесеното на седницата и се движеа во насока на пофалба на власта за трагедијата.

Затоа повторно и повторно ги повикуваме ДПМНЕ и СДСМ веднаш да ги делегираат своите членови и да престанат да ја држат Анкетната комисија како заложник на меѓупартиски калкулации и дил. Ако и по 63 загинати млади луѓе во Кочани и 14 жртви во Модуларната, за вас сè уште е поважно кој кого ќе заштити отколку што мора да се промени, сметаме дека местото не ви е во Собранието и управувачките, одлучувачките фотелји“, се наведува во соопштението на партијата Левица.