Сместен во Горна Франконија, на реката Рекниц, Бамберг е град на средновековни улички, шарени куќи, барокни палати, мостови и стари пиварници. Тоа е еден од оние градови што можеби на прв поглед ќе ги потцените и ќе им посветите премалку време, а потоа ќе ви биде жал.
Бамберг е сместен на седум ридови и поради тоа често го нарекуваат „франконски Рим“. Неговото историско јадро од 1993 година се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

Градот брои околу 80 илјади жители, а една осмина од нив се студенти, што значително придонесува за веселата атмосфера што ги исполнува неговите средновековни улици и живописни глетки. Најдобро ќе ја почувствувате шетајќи низ старото градско јадро, тесните улички, романтичните мостови и покрај брегот на реката Рекниц.

Клучна година во историјата на Бамберг била 1007, кога германскиот крал Хенрик II таму основал бискупија и сакал градот да го претвори во „втор Рим“. Низ вековите Бамберг станал важно црковно, политичко и културно средиште. Во 18 век бил и еден од центрите на просветителството во јужна Германија.

Најпознатиот симбол на градот е старата градска куќа, сместена – на средината на мост, односно на вештачки остров среде реката Рекниц. Нејзините раскошни фасадни фрески се особено впечатливи кога се гледаат од околните мостови.

Катедралата во Бамберг е еден од најважните споменици во градот, а во нејзина близина се „Алте Хофхалтунг“ – Стариот двор, како и раскошната „Ноје Резиденц“ со прекрасна розова градина и уште поубав поглед кон градот.

Покрај реката се протега „Klein Venedig“ – Мала Венеција, низа поранешни рибарски куќи со шарени фасади и мали градини. Тоа е едно од најромантичните и најфотогеничните места во Бамберг.
Град што треба – да се вкуси
Бамберг е особено познат по својата пивска традиција. Неговиот најпознат специјалитет е Rauchbier (Раухбир) – димено пиво. Препознатливиот вкус го добива од слад што се суши со чад од дрво. Денес ваквиот начин на производство е редок, но во Бамберг традицијата е зачувана. Во градот и денес работат неколку стари пиварници и пивници во кои може да се пробаат локални видови пиво.
Со пивото совршено се вклопува традиционалната франконска кујна. Вреди да се проба „Schäuferlu“ (Шојферла), печена свинска плешка со кнедли и сос, франконски колбаси „Bratwurst“ (Братвурст), како и „Bamberger Zwiebel“ (Бамбергер Цвибел), кромид полнет со месо. Традиционалните гостилници се вистинското место за целосно гастрономско уживање.

Бамберг најдобро ќе го запознаете полека, чекор по чекор и голтка по голтка. За главните знаменитости доволен е еден цел ден, но два дена овозможуваат многу порелаксирано доживување.

Денот можете да го започнете на Домберг, да ги разгледате катедралата и историските палати, потоа да се спуштите кон старото градско јадро, да ја фотографирате Старата градска куќа и да прошетате низ Мала Венеција. Попладнето оставете го за кафе или пиво, а вечерта за традиционална франконска вечера. И уште пиво.

Бамберг е многу добро железнички поврзан и се наоѓа на важната ICE линија што ги поврзува Минхен, Нирнберг и Берлин. Со автомобил е достапен преку автопатиштата A73 и A70, додека најблискиот поголем аеродром е во Нирнберг, оддалечен околу 70 километри.










