Пензионерите повторно креваат глас: „Не може едни да добијат покачување од 3.000, а други само од 600 денари“

Макфакс

12/09/2026

09:01

329

Големина на фонт

а а а

Барањето за линеарно зголемување на пензиите повторно го отвораат пензионерите, кои побараа од министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, идните покачувања да бидат уредени со закон и сите пензионери да добиваат ист износ во денари.

Иницијативниот одбор за линеарно зголемување смета дека процентуалното усогласување создава дополнителна разлика меѓу пензионерите, бидејќи истиот процент за оние со повисоки пензии значи и поголем износ на зголемување. Според нив, средствата издвоени од буџетот за покачување треба да се распределуваат рамномерно меѓу сите корисници на пензија.

Одборот посочува дека висината на пензијата веќе е определена според повеќе критериуми, меѓу кои работниот стаж, образованието и работното место. Тие сметаат дека по пензионирањето, со трошоците за живот подеднакво се соочуваат сите пензионери.

„Главните параметри за формирање на пензијата, како работниот стаж, школската спрема и работното место, се опфатени и вградени во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми има пониски, средни и повисоки пензии. Но, по одењето во пензија, никој пензионер не одвојува и не вложува ништо понатаму – сите пензионери сме еднакви“, вели Кирил Јосифовски, претседател на Иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца.


Предлогот е линеарното зголемување да биде законски утврдено и да започне да се применува уште со следното мартовско усогласување. Според пензионерите, процентот на усогласување може да продолжи да се определува врз основа на растот на трошоците за живот, но вкупната сума обезбедена од државниот буџет треба да се подели на еднакви износи за сите пензионери.

Трајче Станојков од Свети Николе нагласува дека проблемот, според нив, не е во процентуалниот модел сам по себе, туку во тоа што примената на истиот процент резултира со различни покачувања во денари.

„Не може 3 отсто да му се даде на оној што има 90 илјади денари пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној што едвај дошол до 18 или 20 илјади денари пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок“, вели Станојков.

Од Иницијативниот одбор истовремено побараа оставка од претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, поради нејзиниот став против линеарното зголемување.

По периодот од две години во кој пензиите се зголемуваа со ист износ, од септември повторно се применува процентуално усогласување според движењето на платите и трошоците за живот.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека септемвриското усогласување ќе се спроведе според законскиот механизам, додека конечниот процент на зголемување во моментот на објавувањето на информацијата сè уште се пресметува.

Според законската регулатива, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. Кај процентуалниот модел, износот на покачувањето во денари зависи од висината на пензијата, па повисоките пензии носат и поголем номинален износ на зголемување.

Септемвриското усогласување се однесува на пензиите за септември, кои се исплаќаат во октомври.