[ФОТО] Хаос по силното невреме во Италија: жена загина, 45 лица евакуирани

Макфакс

10/09/2026

19:40

105

Големина на фонт

а а а

Силно невреме ја погоди Италија предизвикувајќи поплави, свлечишта и проблеми во транспортот. Една жена загина, а 45 лица беа евакуирани од опасни подрачја. Невремето предизвика и прекини во електричното снабдување и бројни интервенции на пожарникарите.

Силното невреме што од вчера ја погодува Италија предизвикува поплави и свлечишта во повеќе делови од земјата. Една жена загина, десетици луѓе се евакуирани, а проблеми се регистрирани во Рим, Тоскана, Лигурија и други региони.

Во Латисана, на североистокот на Италија, жена загинала откако со автомобил влегла во поплавен подвозник. Возилото било целосно потопено.

Обилните врнежи го погодија и подрачјето меѓу Латисана и крајбрежниот град Лињано Сабиадоро, каде што се поплавени подруми, гаражи, куќи и патишта. Во источниот дел на регионот Венето, на поширокото подрачје на Венеција, пожарникарите до претпладне добиле 130 барања за интервенција.

Во Валтелина во Ломбардија во текот на ноќта се случило големо свлечиште над населбата Катаеџо. Евакуирани се 45 лица, а училиштата се затворени поради опасност од нови свлечишта.

Невремето го наруши и железничкиот сообраќај, а некои возови доцнеле повеќе од еден час.

Во Тоскана за 12 часа биле регистрирани повеќе од 63.000 удари на гром. Во Чечина за помалку од два часа наврнале повеќе од 80 милиметри дожд, додека во Трст се поплавени бројни улици и има проблеми во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија.