Ова е најлошиот аеродром во 2026 година: Само половина од летовите полетуваат навреме

Точка

10/09/2026

18:49

404

Големина на фонт

а а а

Аеродромот Тунис-Картагина, главниот и најголем меѓународен аеродром во Тунис е прогласен за најлош аеродром во 2026 година според истражувањето на сервисот „AirHelp“. Името го добил по историскиот град Картагина, во чија непосредна близина се наоѓа.

Овој аеродром го поврзува Тунис со бројни дестинации во Африка, Европа и на Блискиот Исток и претставува главна воздушна порта на земјата.

„AirHelp“ смета дека станува збор за најлошиот аеродром во 2026 година, но и во последните три години. Овој сервис, кој им нуди помош на патниците во воздушниот сообраќај, секоја година ги рангира најдобрите и најлошите аеродроми врз основа на нивната сигурност и квалитетот на услугата.


„AirHelp Score“ мери колку авиони полетуваат и слетуваат навреме, го оценува односот на компаниите кон патниците, како и брзината и правичноста при решавањето на поплаките и барањата за надомест поради доцнење или откажување на летовите.

Според „AirHelp Score“, аеродромот Тунис-Картагина ја добил најлошата оценка – само 5,50 од можни 10. Рангирањето се заснова на податоци за летовите од мај 2025 до април 2026 година, собрани од 279 главни аеродроми во 76 земји во светот.


Аеродромот во Тунис има најлоша точност на полетувањата на целата листа – едвај половина од летовите полетуваат навреме, односно околу 48 отсто.

Патниците се жалат и на честиот метеж, бавното движење на патниците низ терминалите, но и на недостигот од содржини, како и на несоодветната понуда на храна и пијалаци.


Меѓу 10-те најлоши аеродроми за 2026 година според „AirHelp Score“, повеќето се наоѓаат во Азија. Дури три аеродроми се во Виетнам, додека два се во Пакистан. На шестото место на листата на најлоши аеродроми се наоѓа аеродром од Португалија, додека на деветтото место е аеродром од Грција.

10 најлоши аеродроми во 2026 година според „AirHelp Score“:

🛬Тунис-Картагина, Тунис – 5,50 од 10

🛬Лахор – Алама Икбал, Пакистан – 6,40 од 10

🛬Хо Ши Мин – Тан Сон Нат, Виетнам – 6,48 од 10

🛬Хургада Интернешнл, Египет – 6,51 од 10

🛬Исламабад Интернешнл, Пакистан – 6,55 од 10

🛬Лисабон – Умберто Делгадо, Португалија – 6,58 од 10

🛬Ханој – Нои Баи, Виетнам – 6,66 од 10

🛬Да Нанг, Виетнам – 6,67 од 10

🛬Родос – Дијагорас, Грција – 6,67 од 10

🛬Грантли Адамс, Барбадос – 6,67 од 10.