Темноцрвените знамиња на плоштадот „Истокот е црвен“ во селото Нанџие речиси и да не се поместуваат на неподносливата летна жештина, додека неколку туристи ја фотографираат огромната статуа на претседателот Мао Це Тунг, која речиси 50 години по неговата смрт и понатаму блеска во бела боја.
Во Кина расте носталгијата по идеалите на Мао за еднаквост, додека сеќавањата на турбулентниот период од неговото владеење постепено бледнеат, а земјата се соочува со забавување на економијата и зголемена нееднаквост.

Мао, кој во 1949 година ја предводел комунистичката револуција против националистичката власт, вовел систем на колективна сопственост за кој тврдел дека ќе ја поттикне индустријата и ќе ја обедини земјата. Меѓутоа, историчарите сметаат дека неговата радикална политика била одговорна и за масовниот глад и смртта на милиони луѓе.

Бројни мурали со ликот на поранешниот лидер
Мао Це Тунг починал на 9 септември 1976 година во Пекинг, на 82-годишна возраст. Иако владејачката Комунистичка партија на Кина и понатаму го смета за револуционерен херој, по неговата смрт јавно призна дека разорната Културна револуција била „тешка грешка“, што подоцна го потврдија и други кинески лидери.

Низ селото Нанџие се наоѓаат бројни мурали со ликот на поранешниот кинески лидер. Жителите и понатаму живеат според маоистичките принципи на заедничка сопственост, додека остатокот од земјата одамна го напуштил таквиот економски модел.
„И понатаму многу му се восхитувам. Мислам дека младите луѓе во селото, вклучително и јас, повеќе го немаат оној силен дух што луѓето го имале некогаш. Луѓето беа почисти“, изјавила 22-годишната студентка од селото Сје Кајуе за Мао, кој починал речиси три децении пред таа да се роди, пишува АФП.

Цензурирано е споменувањето на мрачните поглавја од владеењето
Околу 500 километри северно, во планинското село Даџаи во покраината Шенси, кое Мао своевремено го претставувал како национален пример откако неговите жители ги претвориле сушните ридови во наводнувани полиња, туристите се потсетуваат на времето кога Големиот кормилар доминирал со политичкиот и општествениот живот.

„Луѓето немаа доволно храна ниту облека, но низ целата земја постоеше борбен дух за надминување на сите пречки, со цел Кина да се промени во секој поглед“, изјавил Ли, 64-годишен турист од Сиан, присетувајќи се на своето детство.

Денес Даџаи е преполн со продавници во кои се продаваат предмети поврзани со култот кон личноста на Мао: постери, карти за играње и садови со неговиот лик, како и „Малата црвена книшка“ со неговите цитати. Сепак, споменувањето на мрачните поглавја од периодот на неговото повеќедецениско апсолутно владеење е цензурирано во јавноста.
Милиони починале од глад
Деценијата што Мао ја започнал во 1966 година била обележана со брутални прогони на интелектуалците прогласени за „класни непријатели“ и со затворање на училиштата, што ја уназадило Кина со години во областа на образованието и развојот.
Приватната сопственост и земјиштето биле колективизирани, а начинот на управување со економијата довел до Големиот глад. Според податоците на кинеската влада, од глад починале околу 15 милиони луѓе, додека историчарите проценуваат дека бројот на жртвите изнесувал меѓу 20 и 43 милиони. Во еден музеј, текстот во кој се споменувала Културната револуција бил грубо изгребан од плочата.

„Сè што гледате во јавноста е во согласност со ставот на Партијата. Никој не смее да отстапува од него“, изјавил научникот Сју Ченганг, кој како дете во Пекинг бил прогонуван за време на Културната револуција бидејќи неговиот татко бил прогласен за „десничар“.
Разубавена верзија на историјата
Јавната дебата е дополнително ограничена под водство на актуелниот кинески лидер Си Џинпинг, кој предупредува на „историски нихилизам“, односно на толкувања што се спротивни на официјалното гледиште за историјата. „Комунистичката партија призна дека имало грешки, но никогаш јасно не беше кажано што се подразбира под тие ’грешки‘. Никој не знае“, изјавил Сју.
Таквата разубавена верзија на историјата остави простор за романтизирани толкувања меѓу младите, кои се фрустрирани од долгото работно време и силната конкуренција во образованието и на пазарот на трудот.

Во декември, на платформата „Bilibili“, популарна меѓу лицата помлади од 30 години, стана вирална серија видеа во кои се тврдело дека филмот „Youth“ од 2017 година, кој следи млади изведувачи во воен танцов ансамбл во текот на 1970-тите, всушност претставува прикриена ода на Културната револуција.
Видеата, во кои се величел Мао, а капиталистичките елити биле обвинувани за задушувањето на движењето, биле отстранети откако за помалку од една недела собрале повеќе од 35 милиони прегледи.

„Многумина сметаат дека Мао ги поставил темелите за развојот на Кина“
„Денес сè пораспространето е чувството дека Културната револуција била период на идеализам, кога општеството било водено од идеали, а не од немилосрдната потрага по пари и материјални добра. Тоа, се разбира, е целосна измислица“, изјавил Кери Браун, директор на Институтот „Lau China“ во Лондон и автор на неодамна објавена книга за Мао.
„Многумина, исто така, сметаат дека Мао ги поставил темелите за развојот на Кина во модерна и технолошки напредна држава“, изјавил Мобо Гао, професор по кинески студии на Универзитетот во Аделаида.

„Се прашуваат од каде потекнува денешна Кина. Таа произлезе од основањето на Народна Република Кина. Кој всушност ја основал Народна Република Кина? Тоа беше Мао“, изјавил Гао, кој во времето на Мао живеел во руралниот дел на покраината Џиангси.
















