ЕУ стравува од недостиг на гас зимава, Фон дер Лајен предлага стратешки резерви

Макфакс

15/10/2026

22:02

240

Големина на фонт

а а а

Европската Унија стравува од можен недостиг на природен гас во зимскиот период, што ја поттикна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да предложи создавање на заеднички стратешки резерви на гас како мерка за долгорочна заштита од прекини во снабдувањето.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им предложила на лидерите на Европската Унија да разгледаат можност за создавање заеднички стратешки резерви на природен гас, поради стравувањата дека Европа би можела да се соочи со недостиг во текот на зимата, објави „Политико“, повикувајќи се на дипломати и претставници на ЕУ.

Европските складишта за гас годинава се на рекордно ниско ниво. Високите летни цени, предизвикани од војната во Иран, ја намалиле исплатливоста на складирањето гас за комерцијалните компании, поради што Унијата влегува во зимскиот период со недоволни резерви.

Фон дер Лајен го претставила предлогот на самитот на европските лидери во Брисел. Засега не е јасно како би функционирал новиот механизам, но според висок претставник на ЕУ, целта е долгорочна заштита од прекини во снабдувањето, по примерот на постојните државни резерви на нафта.

Некои земји веќе преземаат сопствени мерки. Холандија издвоила речиси една милијарда евра за субвенционирање на набавката на енергенти, додека Германија размислува за создавање национални стратешки резерви.

Во меѓувреме, според двајца дипломати, друг предлог на Европската комисија за заедничка набавка на енергија не добил поддршка од европските лидери.