Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар во случајот за злоупотреби во АД „Државна лотарија“.
Покрај Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, на кој му се суди во отсуство, во случајот обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На денешното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, освен Бајрами кој е недостапен на органите за прогон, и обвинетиот Башким Авдиу кој изјави дека не го разбира обвинението што му се става на товар и побара да му биде доставено писмено на неговиот мајчин, албански јазик.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари, односно 8,2 милиони евра. Тие се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.
По барањето на обвинетиот Авдиу обвинението да му биде доставено на албански јазик со цел да може да се изјасни за вина, судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски го одложи судењето за в петок.

Артан Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце. По распит во Обвинителството, Груби, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини, доби куќен притвор.
Претходно денеска на почетокот од второто рочиште за случајот со „Државна лотарија“, Обвинителството пред судот го презентира обвинението и дејствијата што им ги става на товар на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и останатите обвинети.
Обвинителството пред судот детално ги образложува улогите што, според обвинението, ги имале обвинетите во текот на 2023 и 2024 година, секој од позицијата што ја извршувал во Владата, „Државна лотарија“ или нејзиниот Надзорен одбор.

Во обвинението се опфатени поранешниот генерален директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, како и поранешниот претседател на Надзорниот одбор, Скендер Мехмети и членовите Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди.
Обвинителството тврди дека обвинетите, во рамките на своите различни функции и овластувања, заеднички преземале дејствија на штета на „Државна лотарија“.
Значаен дел од обвинението што беше презентирано пред судот се однесува на постапката за самостојно приредување електронски игри на среќа и набавката на видеолотариски терминали.

Во делот за Груби, Обвинителството се повикува на неговата тогашна функција како прв заменик-претседател на Владата и на неговото претседавање со владина седница на која било разгледувано прашање поврзано со „Државна лотарија“.
Фото: Слободен Печат
















