Македонија со една од најниските стапки на инфлација во Европа, економијата покажува знаци на стабилизација и раст, велат од Владата

Макфакс

07/09/2026

14:37

201

Големина на фонт

а а а

Владата објави дека Македонија има една од најниските стапки на инфлација во Европа со благ раст на економијата и стабилизација на цените, и покрај зголемените надворешни ценовни притисоци. Ова го покажуваат податоците за инфлацијата во август 2026 година, кои укажуваат на намалување на инфлациските притисоци во споредба со претходните години.

Најновите податоци за август покажуваат продолжување на стабилизирањето на цените и позитивните движења во македонската економија, соопшти денеска Владата.

Според информацијата, годишната стапка на инфлација во август 2026 година изнесува 2,6 проценти, додека во истиот месец во 2022 година инфлацијата изнесуваше дури 16,8 проценти. Тоа, како што велат од таму, покажува колку значително е намален инфлацискиот притисок во споредба со периодот кога граѓаните и стопанството се соочуваа со силен раст на цените.

„Особено значајна е споредбата со европските економии. Според досега објавените податоци на Евростат, инфлацијата во еврозоната во август се проценува на 3,3 проценти, наспроти 2,6 проценти во Македонија. Во јули инфлацијата во еврозоната изнесуваше 2,9 проценти, додека во Македонија беше 2,3 проценти. Тоа значи дека втор месец по ред Македонија има пониска стапка на инфлација од еврозоната.


Од досега објавените податоци на Евростат за август, пониска стапка од 2,6 проценти имаат Финска со 2,4 проценти, Малта со 1,9 проценти и Естонија со 1,3 проценти. Истовремено, повисока инфлација имаат голем број европски економии, меѓу кои Бугарија со 5,1 проценти, Шпанија со 4,5 проценти, Белгија со 4,2 проценти, Хрватска со 3,7 проценти, Грција со 3,7 проценти, Словенија со 3,4 проценти, Италија со 3,2 проценти и Германија со 2,9 процент“.

Според Владата, овие податоци се особено важни ако се има предвид, како што велат, дека инфлациските притисоци во Европа повторно се засилуваат.

„Инфлацијата во еврозоната се зголеми од 2,9 проценти во јули на проценети 3,3 проценти во август, при што енергетската компонента бележи годишен раст од 14,3 проценти.

Македонија, во услови на повторно засилени надворешни ценовни притисоци, успева да ја одржи инфлацијата на релативно ниско ниво“.


Од Владата оценуваат дека ова е уште еден позитивен економски показател на почетокот на септември.

„Индустриското производство во јули бележи раст од 1,3 проценти на годишно ниво, а во првите седум месеци од годината е зголемено за 0,9 проценти.

Последните економски показатели треба да се гледаат како целина – раст на индустриското производство, раст на економијата и стабилизирање на инфлацијата на ниво пониско од еврозоната.

Владата останува целосно посветена на политики коишто ќе обезбедат стабилност на цените, заштита на животниот стандард, повисоки плати и пензии, нови инвестиции и забрзан економски раст.

Од инфлација од 16,8 проценти во август 2022 година до 2,6 проценти во август 2026 година. Од ценовни шокови кон стабилизација. Од економска неизвесност кон раст и поголема предвидливост.

Македонската економија се стабилизира, а позитивните показатели од почетокот на септември даваат основа овој тренд да продолжи“.