Добитничката на Оскар, Сузан Сарандон, изјави дека сè уште губи улоги поради нејзината отворена поддршка за Палестинците и покрај она што го опиша како поширока промена во јавното мислење против американската поддршка за Израел.
Говорејќи на Венецискиот филмски фестивал, каде што го промовира својот најнов филм „The Echo Chamber“, Сарандон изјави дека одредени делови од филмската индустрија и понатаму ја избегнуваат поради нејзиниот активизам, пренесе „Гардијан“.
„Мислам дека наративот целосно се промени во однос на историското значење на Палестина и ционистичките врски со Америка и нејзината политика. Тоа беше големо откритие за луѓето – колку пари САД му даваат на Израел, никој навистина не го разбираше тоа“, изјави актерката.
Истражувањата на јавното мислење во САД покажаа дека од почетокот на војната во Газа во 2023 година, поддршката за Израел слабее, додека симпатиите кон Палестинците растат.
Меѓутоа, 79-годишната актерка вели дека нејзината поддршка за Палестинците и понатаму остава последици врз нејзината професионална кариера.
„Сè уште има филмови за кои неодамна не добив улоги, бидејќи агенциите велат дека сè уште не треба да ме ангажираат. Но, тоа е структурата на моќта. Мислам дека луѓето, особено во странство, ме поддржуваат“, им рече Сарандон на новинарите.

Добитничката на Оскар за филмот „Одот на мртвиот човек“ се прослави со филмови како „Телма и Луиз“, „Роки хорор шоу“ и „Бул Дарем“.
Нејзината долгогодишна агенција УТА во 2023 година ја прекина соработката со неа по изјавите што ги даде за време на пропалестински протест, еден месец по нападот на Хамас врз Израел, кога рече дека „има многу луѓе кои во овој период се плашат да бидат Евреи и сега добиваат претстава за тоа како е да се биде муслиман во оваа земја“.
Конфликтот се одрази и на годинашниот Венециски филмски фестивал, каде што активисти ги повикаа организаторите да го истакнат палестинското знаме во знак на признание на палестинските режисери чии филмови се прикажуваат на фестивалот.

Уметничкиот директор на фестивалот, Алберто Барбера, изјави дека тоа е невозможно бидејќи Италија формално не ја признава државата Палестина, но посочи на неколку филмови што се прикажуваат на Лидо и кои ја прикажуваат борбата на обичните Палестинци.
Сарандон изјави дека отпорот кон ангажирањето отворени критичари на Израел е особено силен кај големите филмски студија.
„The Echo Chamber“ е еден од 21 филм што се натпреваруваат за „Златниот лав“, кој ќе биде доделен на 12 септември.















