[ФОТО] Како несовршеноста се претвора во атракција: Малтерот паѓа од ѕидовите, цевките стрчат од таванот, но тука се пивото и добрата музика

Точка

03/09/2026

18:41

366

Големина на фонт

а а а

Ако влезете во бар во Будимпешта и се прашувате дали сте залутале во нечиј напуштен двор, гаража, стар стан или продавница за половен мебел – веројатно сте на вистинското место.

Добредојдовте во светот на „romkocsma“, односно барови во урнатини, еден од најпрепознатливите симболи на ноќниот живот во Будимпешта.

Замислете ѕидови од кои паѓа малтер, стари цевки што ѕиркаат од таванот, неонски натписи кои веројатно виделе и подобри денови, столчиња што воопшто не си одговараат едни со други, растенија што се вовлекле во секој слободен агол и када која, сосема нормално, станала софа.


На сето тоа додадете пиво, музика и неколку стотици луѓе од целиот свет.

Токму така изгледа еден од најнеобичните извозни „производи“ на Будимпешта – руин бар, односно бар во руини, пишува „Јуроњуз“.

И иако денес изгледаат како внимателно осмислени ентериери, нивната приказна започнала токму спротивно – од простори кои никој особено не ги посакувал.

Како една руинирана зграда станала добра инвестиција?

На почетокот на 2000-тите години, во седмиот кварт на Будимпешта имало многу стари и запуштени згради и дворови. Наместо таквите простори веднаш да бидат претворени во луксузни станови или да исчезнат под нови градби, група млади луѓе почнала да гледа на нив на поинаков начин.

Ако просторот веќе е напуштен, зошто да не се претвори во место за дружење?


Така се родила идејата која на почетокот била речиси импровизирана: да се најде евтин или напуштен простор, да се внесе мебел пронајден којзнае каде, ѕидовите да се остават такви какви што се и да се направи бар.

Без скап дизајн. Без совршени столчиња. Без потреба сè да биде исто.

Напротив – колку е понеобично, толку подобро.

Феноменот почнал да се развива во раните 2000-ти години, а „Симпла“ (Szimpla) се смета за еден од клучните пионери на целата сцена. Првиот локал под тоа име бил отворен во 2002 година, додека познатата „Симпла Керт“ (Szimpla Kert) на улицата Казинци била отворена во 2004 година, во запуштен комплекс кој претходно имал станбена и индустриска намена.

И токму тука приказната почнала да наликува на нешто многу поголемо од само еден бар.

„Симпла Керт“: место каде што ништо нема смисла, а сепак сè функционира

Ако постои едно место што треба да го посетите за да разберете што е руин бар, тогаш тоа е „Симпла Керт“ (Szimpla Kert) на улицата Казинци.

Уште на самиот влез станува јасно дека овде никој не се обидувал да создаде ентериер каков што би пронашле во каталог за мебел.

Напротив.


Секој агол како да има своја мала приказна. Стари столчиња, светилки, велосипеди, огледала, графити, необични предмети, растенија, импровизирани инсталации – сè е натрупано на начин што просторот истовремено изгледа како бар, уметничка галерија, пазар за стари работи и дневна соба на некој која има многу широка дефиниција за зборот „декорација“.

Познатиот простор има повеќе нивоа и цела низа различни простории, па прошетката низ него донекаде потсетува на истражување на нечиј многу необичен музеј. Токму таа непредвидливост станала заштитен знак на „Симпла Керт“.


А можеби најубавото е тоа што „Симпла“ не е само место за вечерно излегување. Во текот на денот и за време на викендите, просторот добива сосема поинаков карактер, а таму се одржуваат различни културни и општествени програми, вклучувајќи и пазар на локални земјоделски производи.

Значи, можете да дојдете на пијалак, а на крајот да поминете половина час обидувајќи се да сфатите зошто стар телевизор виси над вашата глава.

И тоа, приближно, е целата поента.

„Чендеш“: кога „руин“ може да биде и мирен

Ако „Симпла Керт“ е енергичниот роднина кој никогаш не престанува да зборува, „Чендеш Летерем“ (Csendes Létterem) е оној другиот што седи во аголот, полека го пие својот пијалак и изгледа како да има многу интересна животна приказна.

Самото име „Csendes“ на унгарски значи „тивко“, па јасно е дека тука не треба да очекувате ист вид хаос.


„Чендеш“ е сместен во стар градски простор и се потпира на винтиџ атмосфера, необичен мебел и донекаде надреален амбиент. Нема потреба сè да биде ново, исполирано и совршено вклопено – токму трагите на времето се оние што му даваат карактер на просторот.

Тоа е една од убавите работи кај будимпештанските руин барови: не постои само еден рецепт.

Некои се гласни и преполни со луѓе, некои се мали и интимни, некои повеќе наликуваат на клубови, други на ресторани, а некои изгледаат како да сте влегле во уметничка инсталација.


Од „ѓубре“ до туристичка атракција

Најинтересниот дел од приказната е тоа што она што на почетокот било решение за напуштените простори, со текот на времето станало – туристичка атракција.

Руин баровите денес се еден од заштитните знаци на Будимпешта. Најголем дел од нив се концентрирани токму во седмиот кварт, околу улиците Казинци и Акацфа, па сосема е можно во текот на една вечер да посетите неколку сосема различни верзии на истата идеја.

Еден од попознатите е „Инстант-Фогаш“ (Instant-Fogas), огромен комплекс кој обединува повеќе простори и клубови, па ноќта можете да ја продолжите преминувајќи од еден дел во друг, без премногу да размислувате каде всушност сте влегле.


Град кој научил да ги чува своите несовршености

Можеби токму затоа будимпештанските руин барови се толку симпатични.

Во свет во кој рестораните и хотелите сè почесто се уредуваат така што изгледаат речиси стерилно, овие несовршени локали му пркосат на тој тренд.

Оголените ѕидови не се проблем. Тие се декорација. Старото столче не е за фрлање. Тоа е дел од ентериерот.

Скршената плочка не е нешто што треба да се скрие. Таа сведочи дека просторот имал свој живот уште пред вие да влезете во него.


А просторот што некогаш изгледал како урнатина, сега е место каде што се среќаваат студенти, уметници, туристи, локални жители и сите оние кои само сакале да се напијат по еден пијалак, но на крајот се изгубиле меѓу старите телевизори, велосипеди и необични светилки.

Затоа, посетата на руин баровите е всушност многу повеќе од обично вечерно излегување.

Тоа е мала лекција по будимпештанска историја, архитектура и урбана култура – само со пиво во рака. Бидејќи Будимпешта од урнатините создала нешто што тешко може да се ископира.