Европската комисија предлага низа механизми со кои Европската Унија би се заштитила од можни обиди на идните членки да ги ослабат демократските структури или со вето да блокираат клучни одлуки, се наведува во нацрт-документ.
Додека Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија напредуваат во процесот на пристапување, Унијата ги анализира последиците од проширувањето и разгледува дали треба да ги промени правилата за прием на нови членки.
„Проширувањето ја зајакнува Европа“, наведува Комисијата во нацрт-документот за подготовките за поголема ЕУ.
„Поголемиот број членки исто така поставува поголеми барања пред процесот на донесување одлуки, администрацијата, спроведувањето, инфраструктурата и финансирањето.“
Нацртот, кој сè уште може да биде изменет, е дел од пакет што Европската комисија се очекува да го претстави следната недела.
Владите на земјите членки на ЕУ јасно сигнализирале дека сакаат да ги намалат ризиците од назадување на демократијата и промени во надворешната политика на новите членки, по проблемите со кои блокот се соочуваше со Унгарија за време на владеењето на Виктор Орбан.
Некои влади исто така бараат механизми за заштита на компаниите и граѓаните во постојните земји членки од можни нагли промени што би ги предизвикало проширувањето.
Комисијата разгледува воведување нови инструменти, меѓу кои и „привремена политичка обврска“, според која новата членка би дала изјава дека во ограничен временски период нема да се противи на одлуките што се носат со консензус.
Се разгледува и заштитна клаузула која, во одреден период по пристапувањето, би им овозможила на постојните земји членки да суспендираат одредени права на новата членка, вклучително и правото на глас.
За таквата одлука би било потребно квалификувано мнозинство од 15 од вкупно 27 земји членки, кои претставуваат 65 проценти од населението на Унијата.
Во документот се наведува дека новите договори за пристапување би можеле да содржат временски ограничени заштитни мерки во области како што се слободното движење на работниците и земјоделството.
Европската комисија повторно ги повика земјите членки да го олеснат процесот на донесување одлуки во ЕУ со овозможување гласање со квалификувано мнозинство за прашања како што се санкциите – област во која Унгарија често го користеше своето право на вето.
Извршното тело на ЕУ истовремено додава дека „пошироката употреба на гласањето со квалификувано мнозинство треба да биде придружена со соодветни заштитни мерки за суштинските национални интереси“.
Документот повикува и на посистематски пристап кон постепената интеграција на идните членки во програмите на ЕУ уште пред нивното формално пристапување, особено во областите на одбраната, енергетиката и транспортот.











