Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ги посети компаниите кои користат финансиска поддршка за инвестиции со цел да ги следи реализираните инвестиции и да поттикне зголемување на продуктивноста и конкурентноста на домашните компании преку законски мерки кои важат од 2026 година.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ги посети компаниите „Виталиа Никола“, „Полијестердеј“ и „ББ Континентал метал“, корисници на финансиска поддршка согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Посетата е дел од активностите на Министерството за економија и труд за следење на реализацијата на инвестициите и директна комуникација со компаниите кои ја користат државната поддршка за развој и унапредување на своето работење.
„Законот за финансиска поддршка на инвестициите е еден од клучните инструменти преку кои државата ги поддржува компаниите кои инвестираат, ја зголемуваат продуктивноста и конкурентноста и создаваат нови работни места. Нашата цел е јавната поддршка да има конкретен и мерлив ефект врз економијата – преку поголемо производство, нови технологии, зголемен извоз и подобри работни места“, истакна министерот Дурмиши.
Со измените на Законот, кои се применуваат од 1 јануари 2026 година, дополнително се прецизираат условите за користење на финансиската поддршка. Поддршката е насочена кон продуктивни почетни инвестиции во производствени активности од преработувачката индустрија, а како основен праг е утврден износ од најмалку 100.000 евра во денарска противвредност.
Законот предвидува финансиска поддршка за повеќе категории инвестиции и активности, меѓу кои нови вработувања, капитални инвестиции, истражување и развој, инвестициони проекти од значаен економски интерес, како и активности за зголемување на конкурентноста на компаниите.
Во делот на новите вработувања, мерката предвидува финансиска поддршка до 20 проценти од исплатената нето-плата, односно до 4.400 евра годишно по нововработен. За капитални инвестиции, поддршката може да изнесува до 10 проценти од оправданите инвестициски трошоци, до максимален износ од еден милион евра годишно, додека за истражување и развој е предвидена поддршка до 50 проценти од оправданите трошоци, исто така до еден милион евра.
„Особено важно е што системот не е поставен само на принципот на доделување средства, туку и на постигнување резултати. Компаниите треба да реализираат продуктивна почетна инвестиција, да остваруваат раст на вкупните приходи од работењето, а просечниот број на вработени да не биде намален за повеќе од пет проценти во однос на почетната состојба утврдена со договорот“, посочи Дурмиши.
Со измените од 2026 година дополнително се зајакнува улогата на Министерството за економија и труд во следењето на реализацијата на договорите. Министерството ја следи имплементацијата на склучените договори во текот на нивната важност и за тоа подготвува извештаи до Владата. На овој начин се обезбедуваат поголема контрола, отчетност и ефикасност во користењето на јавните средства.
„Денеска сме директно кај компаниите за да видиме што значи оваа поддршка во пракса – какви инвестиции се реализирани, какви резултати се постигнати и кои се нивните идни планови. За нас е важно да ги слушнеме компаниите и нивните потреби, затоа што само преку партнерство меѓу државата и бизнисот можеме да создадеме подобра инвестициска и деловна клима“, додаде министерот.
Дурмиши нагласи дека Владата и Министерството за економија и труд остануваат посветени на создавање предвидлив, транспарентен и ефикасен систем за поддршка на инвестициите, со јасни критериуми и мерливи економски ефекти.
„Сакаме секој денар јавна поддршка да се претвори во нова инвестиција, поголема продуктивност и нова економска вредност. Силните и конкурентни домашни компании се основа за силна економија, поголем извоз, повеќе квалитетни работни места и повисок животен стандард за граѓаните“, заклучи Дурмиши.
















