Во Романија продолжува политичката криза откако парламентот не му даде доверба на предложениот мандатар Зигфрид Мурешан, а претседателот Никушор Дан повикува на надминување на политичките несогласувања за формирање нова влада и избегнување предвремени избори.
Продолжува политичката криза во Романија
Политичката криза во Романија продолжува откако парламентот одби да му даде доверба на Зигфрид Мурешан за состав на нова влада.
Мурешан, пратеник во Европскиот парламент, за мандатар беше предложен од независниот претседател Никушор Дан. Одбивањето на кандидатурата на Мурешан ја продлабочува кризата на власта, која трае од распадот на владејачката коалиција во мај.
Бидејќи ова е вторпат пратениците да одбијат кандидат предложен од претседателот, романскиот Устав сега овозможува распишување предвремени избори.
Претседателот Дан, сепак, сака да го избегне таквото сценарио. Тој се противи на распуштање на парламентот и одржување нови избори, бидејќи според анкетите тие би можеле да ја зајакнат крајнодесничарската Алијанса за обединување на Романците (АУР).
Наместо тоа, Дан ги повикува политичките лидери да ги надминат несогласувањата и да постигнат договор за формирање нова коалициска влада. Тој претходно порача дека предвремените избори „не се решение“ и дека политичката криза треба да заврши.
Дан ја испрати оваа порака пред денешното гласање, за време на официјалната посета на Чешка.
„Политичарите мора да се свртат кон луѓето кои им го дале мандатот“, рече тој.








