Принудно слета авион со американски министер, му откажал моторот

Макфакс

03/09/2026

08:40

204

Големина на фонт

а а а

Авион на американската Крајбрежна стража, со американскиот министер за внатрешна безбедност Марквејн Мулин, принудно слетал поради дефект на моторот. Нема повредени во инцидентот, а министерот ги пофали пилотите за професионалниот пристап.

Авион на американската Крајбрежна стража, во кој се наоѓал американскиот министер за внатрешна безбедност Марквејн Мулин, принудно слетал во близина на Вашингтон откако му откажал еден од моторите. Во инцидентот нема повредени.

Авионот „C-37A Gulfstream V“, воена верзија на „Gulfstream V“, летал од американската сојузна држава Џорџија кон Вашингтон кога бил пријавен дефект на десниот мотор. Потоа бил пренасочен кон националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вирџинија.

„Тукушто ни откажа десниот мотор и сакаме да прогласиме вонредна состојба и веднаш да слетаме“, му рекол пилотот на контролниот центар. Во авионот имало 14 лица.

Мулин потврди дека авионот принудно слетал и ги пофали пилотите на американската Крајбрежна стража.

„Без паника, само врвен професионализам“, напиша тој, додавајќи дека „не можел да биде во подобри раце“.

Американското Министерство за внатрешна безбедност е надлежно и за Крајбрежната стража.