Александар Спасиќ (52) од Србија е мажот кој загина на Октоберфест во Минхен, каде што работел како обезбедување. Несреќата се случила на кула за слободен пад наречена „Hangover“, набргу откако ја започнал својата прва смена на фестивалот, пишува српски „Телеграф“.
Неговото семејство не може да разбере зошто се наоѓал во опасната зона во моментот на несреќата. Тие велат дека го предупредувале да не ја прифаќа работата на Октоберфест. „Тато, немој да одиш на Октоберфест, тоа е лошо место за работа“, му велеле, стравувајќи дека би можел да биде повреден од пијаните посетители. Неговата сопруга Адријана и синот за германскиот весник „Билд“ рекле дека и понатаму не им е јасно како Александар загинал.

„Всушност, никој не смее да влегува таму бидејќи е забрането. Можеби некој ги изгубил очилата или мобилниот телефон, па тој сакал да ги подигне“, рекол синот на загинатиот.
Несреќата се случила на крајот од работното време
Несреќата се случила во понеделникот околу 21:45 часот. Се претпоставува дека Александар бил удрен од седиштето кое се спуштало. Неговиот син вели дека тоа било последното возење таа вечер, само десет минути пред крајот на работното време. Седиштата на таа атракција забавуваат непосредно над тлото. Александар, кој бил висок два метри, паднал и се здобил со тешки повреди на главата.
„Полицајците и болничарите пристигнале брзо и веднаш започнале со реанимација“, изјавил за „Билд“ портпаролот на полицијата Томас Хелшорн.
Александар бил пренесен во болница, но лекарите не успеале да му го спасат животот. „Од изразот на лицето на главниот лекар видов дека се случило нешто страшно“, раскажал синот на Александар. Во болницата затекнал и неколку колеги на својот татко. „Тогаш лекарот рече дека се обиделе со сè што можеле, но не успеале да го спасат“, додал синот.
Се претпоставува дека Спасиќ починал набргу по ударот.
„Беше внимателен човек“
Сопругата и синот го опишале Александар како внимателен човек, кој три месеци работел во компанија за обезбедување.
„Еден ден претходно бил на друга атракција, каде што еден посетител изгубил нешто. Татко ми требало да му го дофати, но одбил бидејќи било премногу опасно“, раскажал синот.
Поради тоа, тој се прашува зошто неговиот татко во понеделникот вечерта се наоѓал во забранетото подрачје.

Сопругата Адријана, со која бил во брак 28 години, последен пат се слушнала со сопругот 75 минути пред несреќата.
„Се договоривме во вторник со семејството да одиме на Октоберфест“, рекла таа.












