Кога ќе платите за игра на „PlayStation Store“, очекувате дека сте ја купиле. Но, „Sony“ сега пред суд тврди дека разумен купувач не може да смета дека навистина поседува дигитална игра, туку дека всушност добива лиценца за нејзино користење.
Четворица сопственици на конзоли „PlayStation“ од Калифорнија го тужат „Sony“ поради начинот на кој продавницата користи изрази како „Buy Now“ и „Confirm Purchase“. Компанијата сега се обидува случајот да го префрли од судница во индивидуална арбитража.

Спор поради едно копче
Тужбата е поднесена во јуни, а се темели на калифорнискиот закон „AB 2426“, кој стапи во сила на почетокот на 2025 година. Законот бара од продавачите на дигитална содржина јасно да наведат кога купувачот добива лиценца за користење на производот, наместо сопственост врз него.
Тужителите тврдат дека „Sony“ не го прави тоа доволно јасно. На „PlayStation Store“ корисникот гледа копчиња за купување и потврдување на купувањето, додека во условите за користење се наведува дека софтверот всушност е лиценциран.
Еден од тужителите, Ендрју Гарсија, ја купил „NBA 2K25“ за 20,99 долари, а подоцна и „NBA 2K26“ и „Madden NFL 26“ за 65,99, односно 69,99 долари.

Во тужбата се тврди дека сите овие игри биле претставени како производи што корисникот ги купува, иако во реалноста добива само ограничена лиценца која може да биде повлечена.
„Sony“ сега се повикува на условите за користење на „PlayStation“, кои за корисниците во САД предвидуваат задолжителна индивидуална арбитража и откажување од правото на колективни тужби, освен доколку корисникот навреме не се откажал од таа одредба.
Со други зборови, „Sony“ не сака овој случај да прерасне во голема колективна тужба пред суд.

Аргументот на „Sony“ отвора многу пошироко прашање
Особено интересно е што компанијата се повикува токму на истите услови за користење во кои е дефинирано дека корисникот добива лиценца, а не сопственост врз играта.
„Sony“ смета дека разумен купувач не би требало да заклучи дека поседува дигитален производ само затоа што во продавницата кликнал на копчето „Buy“.
Тужителите, од друга страна, бараат и судска забрана за ваквата практика. Нивниот одговор на барањето на „Sony“ за арбитража се очекува на 4 септември.
Исходот од овој случај би можел да биде важен за начинот на кој во иднина ќе се продаваат дигиталните игри во Калифорнија.
За играчите, сепак, прашањето е многу поедноставно: кога ќе платат за игра на „PlayStation Store“, дали навистина ја купиле или само добиле право да ја користат?











