Давчева: Кумашинки, партиски донатори и неуспешни кандидати за пратеници – ДПМНЕ ти претвора управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во партиски плен

Макфакс

02/09/2026

09:43

51

Големина на фонт

а а а

Советничката од Левица, Милица Давчева, критикува дека изборот на членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија од страна на ДПМНЕ претставува партизација со кумашинки, партиски донатори и неуспешни кандидати, што директно влијае на функционирањето и трошењето на парите на граѓаните.

На седницата на Советот на Град Скопје, советничката од Левица, Милица Давчева, реагираше на предлогот за избор на членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, посочувајќи дека зад декларативните заложби за стручност и професионалност се крие уште една поделба на јавните функции меѓу партиски кадри, донатори и блиски лица до власта.

„Кога ќе ги отворите нивните биографии, целата маска паѓа во вода. Ова не е никаков избор на професионалци, апсолутно. Ова е само поделба на партискиот плен. Истите ликови се вртат во управните и надзорните одбори. Станува збор за лица поврзани со власта, партиски донатори и функционери, чија единствена квалификација е лојалноста кон партијата.“

Давчева посочи и дека дел од предложените кандидати немаат ниту основно релевантно работно искуство во областите за кои треба да одлучуваат, а нивните биографии, наместо професионални квалификации, содржат информации кои немаат никаква поврзаност со управувањето со јавни претпријатија.

„Голем дел од кандидатите кои ги предлагате немаат ден работно искуство во областа на финансиите и правото, иако тоа се критериуми според кои треба да се изберат. Но затоа со огромни амбиции треба да одлучуваат за милионски буџети и за судбината на градот. Наместо сериозни научни достигнувања, сертификати и релевантни дипломи, знаете ли какви вештини имаат наведено во своите биографии? Дека биле водители на Фолк радио, дека учествувале на Херба Лајф семинари, дека во своите вештини напишале дека читаат книги и слушаат музика, и дека снимаат свадби. И овие кандидати треба да одлучуваат за јавните претпријатија под ингеренција на главниот град, односно за јавниот превоз и комуналната хигиена.“

Давчева предупреди дека ваквата кадровска политика има директни последици врз функционирањето на јавните претпријатија и врз трошењето на парите на скопјани.

„Кога на вакви клучни позиции ќе поставите луѓе без соодветни квалификации и образование, штетата воопшто не е апстрактна, туку е директна. Тие луѓе се тие кои утре ќе гласаат за одлуки кои се од витално значење за градот Скопје.“

На крајот, советничката од Левица ја поврза системската партизација на институциите со иселувањето на младите и маргинализирањето на образованите и стручни луѓе.

„И после се чудите зошто младите се иселуваат од државата. Па затоа што сè што е паметно, младо и интелектуално го туркате на маргините, за што побрзо да се исели од оваа држава. За вас не вредат успехот и знаењето, ниту младите економисти и правници кои имаат знаење и образование. Единствена тежина имаат овие партиски донатори, овие државни функционери и нивните деца, кои ја продолжуваат вашата традиција на цицање и на упикување во сите јавни институции во државата.“

Советничката група на Левица бараше „предложената листа за избор на членови на управните и надзорните одбори да биде повлечена и јавните претпријатија да престанат да бидат механизам за вдомување на партиски кадри и наградување на партиски донатори“.

Но мнозинството, предводено од ДПМНЕ, ја изгласа листата, додаваат од Левица.