Остров со големина на фудбалско игралиште мистериозно се појавил на езеро – а потоа исчезнал!

Точка

01/09/2026

11:14

176

Големина на фонт

а а а

Сателитските снимки од 21 јули потврдиле дека островот навистина постои и дека плови во главниот дел од езерото …

Огромен остров покриен со шума мистериозно се појавил во оддалечено канадско акумулациско езеро, за само неколку недели подоцна да исчезне без трага. Необичната пловечка копнена маса била забележана во езерото Вилистон во Британска Колумбија, огромно вештачко езеро северно од градот Мекензи. Фотографиите и видеоснимките од островот ги направил еден сопственик на брод, а локалниот жител Роки Ејвери ги споделил на социјалните мрежи, каде што брзо се прошириле, пренесува „NY Post“.

„Тоа беше навистина неверојатна глетка, никогаш не сум видел нешто слично во моите 40 години во оваа земја“, изјавил Ејвери.

„Се приближуваше голем риболовен турнир, па сакав да бидам сигурен дека сите се свесни за тоа што се случува. Исто така, сакав и компанијата „BC Hydro“ да знае за островот, во случај да плови кон нив“, додал тој.


Дури и „BC Hydro“, државната енергетска компанија која управува со хидроелектраните во Британска Колумбија, на почетокот се сомневала дека островот воопшто постои. Портпаролот Боб Гамер изјавил дека бил скептичен поради напредокот на генеративната вештачка интелигенција, која сè повеќе го отежнува разликувањето на вистинските од лажните фотографии на интернет.

„Ова дефинитивно е нешто за што досега не сме слушнале. А бидејќи малку луѓе го пријавиле, беше тешко да се лоцира“, изјавил Гамер.

Сепак, сателитските снимки од 21 јули потврдиле дека островот е вистински и дека плови во главниот дел од езерото, на околу 100 километри западно од браната „W. A. C. Bennett“. Се проценува дека островот бил широк околу 70 метри и долг 140 метри, зафаќајќи површина од речиси 10.000 квадратни метри, што е приближно колку две игралишта за американски фудбал. Но, до 5 август, огромната копнена маса исчезнала од сателитските снимки.

„Ги прегледавме новите снимки и повеќе не го гледаме објектот. Значи, сега го нема. Тоа не значи дека потонал на дното на езерото. Можно е повторно да се вратил во некое позаштитено подрачје покрај брегот“, објаснил Гамер.


Научно објаснување на феноменот

Надлежните имаат теорија за тоа како воопшто настанал пловечкиот остров. Гамер објаснил дека нанесеното дрво веројатно со години се натрупувало покрај брегот, а растенијата и дрвјата со текот на времето се вкорениле во остатоците што се распаѓале, создавајќи пловечка маса.

Овој природен феномен е познат како пловечко мочуриште или пловечки бусен. Таквите „острови“ обично претставуваат делови од брегот, составени од тресет, наноси и густа вегетација, кои се одвојуваат од копното. Нивната способност да пловат често ја поттикнуваат гасови, како метанот, кои се ослободуваат при распаѓањето на органската материја.

Причината за овој конкретен настан најверојатно бил невообичаено високиот водостој. Езерото оваа година било полно првпат по 14 години, по зима со обилни снежни врнежи и постојани летни дождови. Поради тоа, „BC Hydro“ морал да ги отвора преливите на браната за да го испушти вишокот вода, за што првично известил и „New York Post“.

Порастот на нивото на водата веројатно подигнал дел од брегот и му овозможил слободно да плови, додека дрвјата на него дејствувале како едра, овозможувајќи му на ветерот да го носи преку водата.


Иако глетката била неверојатна, појавата на големи пловечки острови не е непозната, особено во езерата со променлив водостој. На езерото Чипева во Висконсин постои огромно пловечко мочуриште кое локалните сопственици на бродови повремено мораат да го туркаат назад на своето место за да не го блокира мостот.

Сличен феномен е познат и на езерото Викторија во Африка, каде што пловечките острови од вегетација можат да го попречат сообраќајот, риболовот, па дури и работата на хидроелектраните. Во 2020 година, голема маса пловечка вегетација предизвикала прекин на електричната енергија низ цела Уганда откако стигнала до браната на хидроелектраната Налубале.

Иако компанијата „BC Hydro“ соопштила дека островот не претставува закана за нејзиното работење, продолжува да го надгледува езерото во случај мистериозната копнена маса повторно да се појави.