Ексцентрик кој од својот живот направи уметничко дело

Точка

31/08/2026

13:11

425

Големина на фонт

а а а

Салвадор Дали остана една од најпрепознатливите фигури на надреализмот, но неговиот најголем придонес можеби не беше само во сликарството, туку и во начинот на кој уметноста ја претвори во дел од масовната култура.

Неговите прочуени стопени часовници од сликата „The Persistence of Memory“ од 1931 година станаа речиси универзален симбол на надреализмот, додека самиот Дали стекна значително поголема популарност од многу други претставници на движењето, меѓу кои Рене Магрит и Макс Ернст.

Уметникот од себе направи бренд

Дали многу рано ја сфати моќта на сопствениот имиџ, па неговите долги, завиткани мустаќи, ексцентричната облека, оцелотот што го чувал како домашно милениче и провокативните јавни настапи станаа речиси исто толку познати колку и неговите слики.

Монсе Агер, директорка на Театарот-музеј на Дали во неговиот роден Фигерес во Шпанија, смета дека создавањето препознатлив лик му помогнало да се промовира себеси и да ги „урне бариерите меѓу високата и масовната култура“, оценувајќи дека уметникот бил далеку пред своето време.

Неговото поврзување на уметноста и популарната култура особено дојде до израз преку соработката со други уметници, па во 1929 година со шпанскиот режисер Луис Буњуел го сними краткиот филм „Un Chien Andalou“, познат по шокантната сцена во која жилет навидум пресекува женско око, додека една година подоцна заедно го снимија сатиричниот „L’Age d’Or“.


Судирот со надреалистите

Потребата на Дали за самопромоција, но и неговите контроверзни и двосмислени изјави за фашизмот, во средината на триесеттите години од минатиот век го доведоа во судир со другите надреалисти, а основачот на движењето Андре Бретон во 1934 година организираше своевидно судење на кое Дали беше обвинет дека го поддржува фашизмот.

До конечниот раскол со групата дојде во 1939 година, по што Дали изговори една од своите најпознати провокативни пораки, тврдејќи дека разликата меѓу него и надреалистите е во тоа што токму тој е надреалист.

Дали истовремено продолжи да ги претвора јавните настапи во своевидни уметнички перформанси, па на Меѓународната изложба на надреализмот во Лондон во 1936 година се појави во нуркачко одело, со два руски ’рта на поводници и билијарски стап, но претставата за малку ќе завршела трагично кога почнал да се задушува во кацигата.

До крајот на истата година неговата популарност беше толку голема што се најде на насловната страница на магазинот „Time“.

Излогот што заврши со апсење

Дали во текот на триесеттите години соработуваше и со луксузната њујоршка стоковна куќа „Bonwit Teller“, за која создаваше надреалистички излози што привлекуваа огромно внимание кај минувачите, вклучувајќи инсталации со кукла чија глава била заменета со цвеќиња и неговиот познат „Телефон-јастог“.

Новата соработка во 1939 година заврши со инцидент откако управата отстранила дел од неговата инсталација што го сметала за премногу провокативен, по што разбеснетиот Дали влегол во излогот и при интервенцијата случајно исфрлил када наполнета со вода низ стаклото на тротоарот, поради што бил уапсен.


Од телевизија до реклами

Уметникот подоцна уште посилно ги прифати масовните медиуми, па во 1961 година во емисијата „The Ed Sullivan Show“ со специјално огнено оружје испукуваше капсули со боја врз платно, претворајќи го телевизискиот настап во уметнички перформанс.

Повеќе од една деценија подоцна се појави и во реклама за „Alka-Seltzer“ од 1974 година, во која телото на модел го претвори во своевидно живо платно за со бои да ја претстави болката во желудникот и нејзиното ублажување.

Дали ѝ ги отвори вратите на уметноста кон масовната публика

Дали во текот на кариерата работеше и на филм, мода, накит, балет, театар и реклами, соработуваше со Холивуд и Алфред Хичкок, а неговата способност истовремено да биде уметник, изведувач и славна личност подоцна стана модел што го следеа автори како Енди Ворхол.

Токму ексцентричните настапи, рекламните потези и подготвеноста да ги користи тогаш новите масовни медиуми му овозможија на Дали надреалистичките идеи да ги изнесе од галериите и музеите и да им ги доближи на милиони луѓе, со што помогна да се промени и самата претстава за тоа што значи да се биде уметник во модерното време.