Вишото јавно обвинителство Скопје ја укина наредбата за запирање на истрагата за кривични дела поврзани со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино и го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката со дополнителни анализи и вештачења.
Надлежен јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје донесе Решение со кое го уважи приговорот на АД Електрани на Северна Македонија против Наредбата за запирање на истрага за кривични дела 99 17лоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и Перење пари, против вкупно 13 физички и едно правно лице, а поврзано со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино. Со одлуката, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да ја продолжи постапката, при што на надлежниот обвинител во прв степен му се дадени и дополнителни насоки за постапување.
Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице.
Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.








