„Rockstar Games“ вечерва за првпат официјално ќе покаже како изгледа „Grand Theft Auto VI“ во акција. Во живо ги следиме сите детали, новите сцени, ликовите, можностите и изненадувањата што ги носи најочекуваната игра во моментов.
По години чекање, бројни трејлери, одложувања и големи протекувања на информации, пристигна моментот што го чекаа милиони играчи. „Rockstar Games“ го претставува „Grand Theft Auto VI: An Extended Look“, првиот официјален проширен приказ на играта. Премиерата е закажана за 21 часот по наше време, а „Rockstar“ претходно потврди дека проширениот приказ најпрво ќе биде емитуван преку „Netflix“. Бесплатната верзија на каналот на „Rockstar“ на „YouTube“ ќе пристигне неколку часа подоцна.
Што ќе видиме вечерва?
„Rockstar“ не ги откри сите детали за содржината, но се очекува ова да биде досега најобемниот официјален приказ на „GTA 6“. За разлика од досегашните трејлери, сега играчите би требало да видат значително повеќе вистински гејмплеј и начинот на кој ќе изгледа истражувањето на огромниот свет на Леонида.
Во центарот на играта повторно се Џејсон и Лусија, криминални партнери кои по неуспешна зделка се наоѓаат среде голем криминален заговор. Дејството е сместено во сојузната држава Леонида, вклучувајќи го и Вајс Сити, а „Rockstar“ го ветува најголемиот и најреалистичен свет што досега го создал.
Watch Grand Theft Auto VI: An Extended Look. Now on @netflix: https://t.co/n7rgIvngtU pic.twitter.com/tyDK8Mctcc
— Rockstar Games (@RockstarGames) August 27, 2026
По протекувањето на снимките пристигнува официјалниот одговор на „Rockstar“
Вечерашниот приказ доаѓа во особено необичен момент. Во последните неколку дена на интернет кружеа снимки од наводен гејмплеј на „GTA 6“, по што „Rockstar“ јавно реагираше и порача дека протекувањето било исклучително болно за развојниот тим.
И покрај тоа, компанијата порача дека играта е при крај и дека сака играчите што е можно поскоро да го видат официјалниот материјал.
Токму затоа вечерашниот настан е важен и поради тоа што „Rockstar“ конечно ќе го покаже „GTA 6“ под сопствени услови.
Ова не е само уште еден трејлер
„Rockstar“ го нарече настанот „An Extended Look“, а не класичен трејлер. „Netflix“ потврди дека материјалот е снимен директно од играта на „PlayStation 5“.
Тоа значи дека посебно внимание ќе посветиме на работите што тешко можат да се проценат во класичните трејлери: однесувањето на светот, анимациите на ликовите, возењето, пукањето, интеракциите, вештачката интелигенција, деталите на Вајс Сити и сето она што треба да го издвои „GTA 6“ од претходната игра.








