ЕУ воведува апликација која може да го скрати чекањето на граница – еве кој може да ја користи

Точка

24/09/2026

19:32

610

Големина на фонт

а а а

Европската Унија воведува дополнително дигитално решение за патниците кои подлежат на новиот систем за влез и излез од Шенгенот (EES), со цел дел од граничната процедура да се заврши однапред и така да се намалат гужвите на премините.

Апликацијата „Travel to Europe“ им овозможува на патниците до 72 часа пред патувањето однапред да ги регистрираат податоците од пасошот, фотографијата од лицето и одговорите на прашањата за патувањето. На тој начин дел од постапката се завршува пред пристигнувањето на граничниот премин.

Апликацијата е наменета за државјани на земји надвор од ЕУ кои подлежат на регистрација во EES и имаат биометриски пасош. Нејзиното користење е доброволно и не значи дека патникот може да ја прескокне граничната контрола. Патникот и понатаму мора да се јави кај граничните службеници, додека конечната одлука за влез во земјата ја носат надлежните органи на границата.


Засега достапна во две земји

„Travel to Europe“ моментално може да се користи при влез во Шведска, каде што овозможува претходна регистрација на податоците од пасошот, фотографијата од лицето и влезниот прашалник. Во Португалија апликацијата моментално поддржува пополнување на влезниот прашалник, додека другите земји кои го применуваат EES можат дополнително да ја воведат оваа можност.

Тоа значи дека патниците не можат да сметаат дека апликацијата ќе можат да ја користат на секој граничен премин во ЕУ. Достапноста зависи од конкретната држава и граничниот премин.

Што значи EES за патниците кои патуваат во Шенген зоната?

EES се однесува на државјани на земји надвор од ЕУ кои патуваат во Шенген-зоната на краток престој, со одредени исклучоци. Системот ги бележи податоците за патникот, вклучувајќи ги податоците од патната исправа, отпечатоците од прстите, фотографијата од лицето, како и информациите за влез и излез од Шенген.


Според податоците на Европската комисија од септември, преку EES до почетокот на тој месец биле регистрирани повеќе од 180 милиони влезови и излези, додека на околу 60.000 патници им бил одбиен влезот на граница. Меѓу нив имало повеќе од 1.700 лица кои, според податоците на Комисијата, претставувале безбедносна закана. Иако Европската комисија наведува дека системот генерално функционира, на одредени фреквентни гранични премини и понатаму постојат проблеми со гужви и инфраструктура.

Како еден од предизвиците се наведуваат капацитетите за регистрација на биометриските податоци, особено во периоди кога бројот на патници е зголемен. Поради тоа, апликацијата „Travel to Europe“ може да биде дополнителна можност за забрзување на постапката, но не ја заменува граничната контрола ниту гарантира побрзо минување на границата. За патниците што патуваат во Шенген-зоната најважно е да проверат дали апликацијата е достапна на конкретниот граничен премин преку кој планираат да влезат, бидејќи нејзината примена моментално се разликува од земја до земја.