Истражување покажува дека брзината сама по себе не носи најголем адреналин – многу поважни се концентрацијата, менталниот предизвик и чувството на контрола.
Меѓу автомобилските ентузијасти одамна кружи една мудра изрека: позабавно е да возиш бавен автомобил брзо, отколку брз автомобил бавно.
Три фактори се клучни за адреналинот
Истражувањето било спроведено на затворена патека во спортскиот центар „PalmerSport“ во Бедфордшир, Англија, каде што учесниците возеле или биле совозачи во пет различни сценарија. На едниот крај од спектарот бил „Land Rover Defender“ на бавен терен, а на другиот едносед со отворени тркала и тркачки „McLaren Artura GT4“. Помеѓу овие две крајности се нашле картингот и возењето со професионален возач.

Анализата што ја спровел „Brainbox“ покажала дека вистинската возбуда се јавува кога истовремено ќе се совпаднат три фактори. Првиот е висцерален, односно интензивна физичка и ментална стимулација. Вториот е интелектуален, односно ангажираност на умот кој мора активно да ја решава задачата. Третиот е емоционалната рамнотежа, при која возбудата го надминува стравот, но не го елиминира целосно.
Според наодите од студијата, штом кој било од овие три фактори го надмине нивото што возачот го доживува како совладливо, искуството повеќе не се доживува како адреналин, туку како страв или непријатност.

Картингот гопобедува суперавтомобилот
Токму тука се крие парадоксот што го потврдило истражувањето. Картингот, каде што брзините се скромни, а возачот се наоѓа минимално над подлогата, ги исполнил сите три услови подобро од значително побрзите возила. Возачот мора да размислува, да чувствува физички отпор и да ја задржи контролата, а сето тоа во рамки што му изгледаат достижни. Кај спортски автомобил со високи перформанси, пак, истите тие лица не возат ни приближно до неговиот целосен потенцијал.











