Општина Бутел: Ранче, училишен прибор и училишна униформа за секое прваче

Макфакс

25/08/2026

12:01

85

Големина на фонт

а а а

Општина Бутел ја продолжува традицијата на поддршка за најмалите ученици со обезбедување анатомски ранци, училишен прибор и униформи за сите првачиња во општинските училишта, со цел да им се овозможат подобри услови за почеток на учебната година и финансиско олеснување на родителите.

Од Општина Бутел информираат дека и оваа година продолжуваат со поддршка за најмладите ученици и нивните семејства. На 1 септември, секое прваче во општинските основни училишта ќе добие висококвалитетен анатомски ранец со потребен училишен прибор, како и училишна униформа.

Целта на оваа мерка, како што е соопштено, е на сите првачиња да им се обезбедат потребните услови за непречен и успешен почеток на учебната година, а истовремено да им се овозможи значително финансиско олеснување на родителите.

„Вредноста на училишниот пакет и униформата претставува заштеда од околу 9.000 денари за секое семејство кое годинава има прваче. Покрај висококвалитетниот анатомски ранец, пакетот ќе содржи и помагало за броеви, блок, дрвени боички, фломастери, пластелин, моливи, тетратка, острилка и гумичка. Со оваа активност, Општина Бутел продолжува да инвестира во квалитетно образование и подобри услови за најмладите, создавајќи средина во која секое дете ќе има можност да учи, расте и да го развива својот потенцијал. Вложувањето во децата е вложување во иднината на Општина Бутел“.