Силно невреме во Полска: поплавени улици и објекти, паднати дрвја, без струја речиси 20.000 домаќинства

Макфакс

23/08/2026

19:00

168

Големина на фонт

а а а

Силно невреме со обилни врнежи и силен ветер ја погоди Полска, предизвикувајќи бројни поплави, паднати дрвја и прекини во снабдувањето со струја. Превентивно се евакуирани извиднички кампови, а локалните власти и одбранбените сили се во подготвеност за справување со последиците.

Силно невреме со обилни врнежи и силни налети на ветер ја погоди Полска, предизвикувајќи бројни проблеми низ земјата. Од полноќ полските пожарникари имале повеќе од 4.000 интервенции, соопшти Државната противпожарна служба.

Најголем дел од интервенциите биле за отстранување паднати дрвја, обезбедување оштетени покриви и испумпување вода од поплавени улици, објекти и подруми.

Поради најавеното влошување на временските услови, превентивно биле евакуирани 12 извиднички кампoви. Учесниците и персоналот биле префрлени во безбедни, постојани објекти. Засега нема пријавени повредени лица.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косњак-Камиш изјави дека Територијалните одбранбени сили остануваат во состојба на зголемена готовност поради силните невремиња и метеоролошката ситуација, за да им помогнат на локалните власти и итните служби во санирањето на последиците.

Ситуацијата дополнително ја отежнуваат прекините во снабдувањето со електрична енергија. Околу 19.400 домаќинства се без струја. Најмногу погодени се подрачјата околу Томашов Мазовјецки, Згеже и Пјотрков Трибуналски.

Во Војводството Великополска, невремето главно предизвикало паѓање дрвја и локални поплави на објекти и подруми.

Обилните врнежи влијаеле и врз водостоите на реките. На мерната станица Олштин-Кортово, нивото на реката Лина го надминало предупредувачкиот праг. Во областа Бартаѓ водата ги прелеала насипите и се проширила на околното земјиште и каналот. Надлежните служби соопштија дека состојбата почнува да се стабилизира и нивото на реката постепено се намалува.

Поради силниот ветер, Националниот парк Кампинос ги повика граѓаните и туристите да избегнуваат отворени простори и места изложени на ветер. Посебно предупредување е упатено да не се престојува под дрвја за време на силни налети.

Поради невремето, до понатамошно известување се затворени и градините на музејот Палатата Виланов, Кралскиот парк Лазиенки и зоолошката градина во Варшава.

Полскиот Институт за метеорологија и водостопанство издаде предупредувања за невреме во југозападните делови на земјата, како и за силен ветер во Подлаското, Мазовското, Лодзкото и Вармиско-мазурското војводство.