Иран најави дека ќе одговори разорно на најстрогите санкции од САД, истакнувајќи дека ќе преземе сеопфатни мерки преку своите вооружени сили и ќе подготви план за економско справување со санкциите.
Иран денес предупреди дека секоја нова закана од САД ќе биде дочекана со „силен и разорно“ одговор, откако Вашингтон ги објави најстрогите санкции досега насочени кон понатамошно ослабување на иранскиот режим.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека деталите за новите мерки ќе бидат објавени во понеделник. Тој ги објави „најстрогите санкции во историјата“ и рече дека САД ќе се обидат економски да го изолираат Иран, вклучително и да вршат притисок врз земјите и компаниите што продолжуваат да соработуваат со Техеран.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно предупреди дека секоја земја што ќе му обезбеди на Иран „каков било вид поддршка за неговиот опстанок“ ќе се соочи со сериозни економски последици.
„Одговорот ќе биде силен и разорен“
Началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајор Али Абдолахи, изјави дека одговорот на Иран ќе биде сеопфатен.
„Со подготвеност на копно, море, воздух, воздушна одбрана и сајбер-простор, иранските вооружени сили ќе одговорат силно и разорно на новите закани од непријателот“, рече Абдолахи, според иранските медиуми.
Калибаф: Мора да најдеме начин да ги надминеме санкциите
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Бакер Калибаф, кој игра важна улога во преговорите со САД, за време на посетата на Ирак изјави дека Иран мора да подготви план за справување со новите санкции.
„Мора да направиме планови за справување со неправедните санкции за да можеме да ги надминеме“, рече Калибаф.
Тој оцени дека САД и Израел заклучиле дека не можат да го победат Иран во директен воен конфликт, па затоа сега, според него, посегнуваат по економска и „когнитивна“ војна.
Калибаф, исто така, повика на зајакнување на економските односи меѓу Иран и Ирак и поголема употреба на националните валути во меѓусебната трговија со цел да се намали зависноста од американскиот долар.












