Мрежест питон долг 4,5 метри, наречен Џоди Фостер по холивудската актерка, стана првиот припадник на својот вид кој бил лекуван со електрохемотерапија – метода која вообичаено се користи за лекување луѓе заболени од рак, соопштија претставници на Зоолошката градина во Честер.
Чуварите се посомневале дека нешто не е во ред со змијата кога таа почнала да јаде помалку и да биде невообичаено пасивна. По ветеринарниот преглед било утврдено дека има малиген тумор на вилицата.

Туморот најпрво бил хируршки отстранет, но подоцна повторно се појавил и почнал да ја зафаќа коската на вилицата. Поради тоа, ветеринарите примениле електрохемотерапија, пионерска постапка која досега не била користена кај змии.

Според информациите од зоолошката градина, Џоди по терапијата се вратила на своето вообичаено однесување, а последните прегледи потврдиле дека повеќе нема знаци на рак.

Хозе Алварез Пикорнел од Одделот за клинички науки за мали животни при Универзитетот во Ливерпул изјавил дека ова е првпат електрохемотерапија да биде применета кај змија и најавил дека резултатите ќе бидат објавени, со цел ветеринарите ширум светот да можат да ги користат стекнатите искуства.






