Што можат да направат суровиот лук, кромидот и ѓумбирот за вашето срце?

Точка

20/08/2026

17:04

275

Големина на фонт

а а а

Лукот, кромидот и ѓумбирот често се истакнуваат како намирници кои можат поволно да влијаат врз здравјето на срцето, циркулацијата и нивото на холестерол. На социјалните мрежи може да се сретнат и совети според кои тие треба да се иситнат, да се измешаат и да се консумираат сурови како еден вид природен тоник.

Иако секоја од овие намирници содржи вредни биоактивни соединенија, ваквиот концентриран препарат не е нужно најдобриот начин да ги искористите нивните потенцијални придобивки.

Лукот, кромидот и ѓумбирот содржат соединенија корисни за срцето

Постојат научни докази дека лукот, кромидот и ѓумбирот можат да бидат дел од исхраната која го поддржува здравјето на срцето, но нивното дејство не е секогаш онакво какво што се претставува во популарните трендови.

Регистрираната диететичарка Триста Бест за „Verywell Health“ објаснува дека овие три намирници содржат различни биоактивни соединенија – лукот алицин, кромидот кверцетин, а ѓумбирот гингероли.

На овие соединенија им се припишуваат потенцијални кардиопротективни својства, меѓу кои се намалување на воспалителните процеси, поволно влијание врз функцијата на крвните садови и придонес во одржувањето здрави вредности на мастите во крвта.


Алицинот од лукот би можел да помогне кај холестеролот

Алицинот е сулфурно соединение кое се создава кога лукот ќе се згмечи или исечка. Некои истражувања покажуваат дека би можел да помогне во намалувањето на „LDL“, односно таканаречениот „лош“ холестерол, како и на крвниот притисок.

Регистрираната диететичарка Мелани Маркус наведува дека еден од можните механизми се однесува на опуштањето на крвните садови, што може поволно да влијае врз протокот на крв и крвниот притисок.

Сепак, лукот не треба да се смета за замена за терапијата или за другите навики во исхраната и начинот на живот што ви ги препорачал лекар.

Кверцетинот од кромидот би можел да ги заштити крвните садови

Кромидот е еден од прехранбените извори на кверцетин, флавоноид познат по своите антиоксидативни и противвоспалителни својства.

Според Маркус, ваквото дејство би можело да има улога во спречувањето на таложењето наслаги во артериите. Тоа е една од причините поради кои кромидот може да има свое место во исхраната насочена кон зачувување на кардиоваскуларното здравје.

Гингеролите од ѓумбирот се поврзуваат со подобра циркулација

Карактеристичниот луткаст вкус на ѓумбирот главно потекнува од неговите активни соединенија – гингеролите. Во одредени истражувања нивната консумација се поврзува со подобра циркулација и пониски вредности на триглицеридите.

Сепак, важно е да се има предвид дека повеќето истражувања се занимаваат со поединечните намирници или со нивното консумирање како дел од урамнотежена исхрана. Тоа не е исто што и секојдневно земање концентрирана сурова мешавина од лук, кромид и ѓумбир.

Затоа Бест препорачува редовно да ги вклучувате во оброците наместо да ги консумирате сурови со лажица.


Зошто суровата мешавина од лук, кромид и ѓумбир не е за секого?

Иако сите три намирници се нутритивно вредни, нивното консумирање во сурова и концентрирана форма може да има непријатни последици.

Поголеми количества суров лук, кромид и ѓумбир кај некои лица можат да предизвикаат:

• киселини

• иритација на желудникот

• надуеност и гасови

• влошување на рефлуксот

• дигестивни тегоби кај лица со синдром на иритабилно црево („IBS“).

Кромидот и лукот се богати со „FODMAP“ јаглехидрати, кои кај чувствителни лица можат да предизвикаат или да ги влошат симптомите на „IBS“.

Тука е и еден прилично практичен недостаток – комбинацијата од суров кромид и лук речиси сигурно ќе предизвика интензивен здив. Суровиот лук, кромид и ѓумбир исто така имаат исклучително силен, лут и продорен вкус, поради што концентрираната смеса за многумина нема да биде лесна за консумирање.

Внимание ако земате лекови за разредување на крвта

Посебно внимание треба да обрнете доколку земате одредени лекови. Лукот и ѓумбирот можат да влијаат врз згрутчувањето на крвта, па нивното консумирање во поголеми или концентрирани количества може да го зголеми ризикот од крвавење кај лица кои земаат лекови како варфарин или ацетилсалицилна киселина, односно аспирин.

Ако редовно земате лекови кои влијаат врз згрутчувањето на крвта, пред да консумирате поголеми количества од овие намирници или додатоци во исхраната што ги содржат, консултирајте се со лекар или фармацевт.


Како е подобро да ги консумирате лукот, кромидот и ѓумбирот?

Не мора да јадете лажица сурова паста од лук, кромид и ѓумбир за да ги искористите нивните потенцијални придобивки. Поедноставно и повкусно решение е редовно да ги вклучувате во разновидна и урамнотежена исхрана.

Маркус препорачува нивна честа употреба во јадењата, на пример како дел од медитеранскиот начин на исхрана, кој вклучува изобилство зеленчук, овошје, мешунки, интегрални житарки, јаткасти плодови, маслиново масло и други нутритивно вредни намирници.

Лукот можете да го згмечите пред употреба за да се поттикне создавањето алицин и да го додадете при крајот на подготовката на јадењето. Свежиот ѓумбир можете да го изрендате во преливи и сосови или да го исечете и да го употребите за подготовка на чај. Кромидот, пак, можете едноставно редовно да го вклучувате во салати, супи, чорби и други јадења.