Општина Кисела Вода: Одбележан Светскиот ден на хуманоста, подароци и нови можности за децата од згрижувачките семејства

Макфакс

19/08/2026

10:50

78

Големина на фонт

а а а

Општина Кисела Вода ја одбележа Светскиот ден на хуманоста со посета и поддршка на децата од згрижувачки семејства. Беа поделени училишни прибор и ранци, а општината најави продолжување на мерките за помош и субвенции за овие деца и нивните семејства.

Денеска, на 19 август, кога се одбележува Светскиот ден на хуманоста, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со директорката на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, Павлина Трајановска, посетија дел од дечињата без родителска грижа кои се сместени во згрижувачки семејства на територијата на општината.

Од општината велат дека вистинската хуманост на дело се покажува токму преку грижата за најмладите и обезбедувањето поддршка за децата на кои таа им е најпотребна. За време на посетата, на дечињата им беа поделени ваучери за набавка на училишен прибор и материјали, а за сите нив општината ќе обезбеди и училишни ранци.

Според податоците, на територијата на Кисела Вода во моментов функционираат 8 згрижувачки семејства и 6 роднински згрижувачки семејства, каде што се згрижени вкупно 18 деца без родители и родителска грижа.

„Општина Кисела Вода континуирано се грижи за ранливите категории граѓани. За сите овие деца и нивните згрижувачки семејства, локалната самоуправа ќе овозможи бесплатно користење на низа општински услуги, мерки и субвенции кои значително ќе го олеснат нивното секојдневие и едукација. Пакетот мерки кои ќе важат за нив опфаќа бесплатни ранци и прибор за првачињата, бесплатни логопедско-дефектолошки третмани и психолошка поддршка на семејствата, субвенционирање на целодневен престој за децата во јавните детски градинки, субвенционирање на месечните сметки за дневен (продолжен) престој за учениците, како и бесплатни училишни униформи“.

-Хуманоста не се покажува само преку зборови, туку преку дела и реална поддршка. Децата се нашата иднина, а наша должност е да им овозможиме еднакви услови за раст, развој и образование. Сите мерки, можности и субвенции кои ги нуди Општина Кисела Вода им стојат целосно на располагање на овие деца и нивните згрижувачи. Општината останува отворена и достапна за овие семејства во секоја сфера од општинското функционирање. Во соработка со Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, континуирано работиме и посветено ќе продолжиме да делуваме преку кампања за јакнење на свеста кај локалното население, со цел да поттикнеме отворање на повеќе вакви семејства. Само така ќе овозможиме повеќе деца да добијат соодветна грижа, топол дом и љубов- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.