Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат дека само 32 отсто од македонските ученици го достигнале основното ниво по математика, со што Македонија се наоѓа значително под просекот на земјите од ОЕЦД. Министерката Весна Јаневска ја оцени ситуацијата како последица од реформите во образованието и укажа на влијанието на технологијата и социјалните мрежи врз постигнувањата на учениците.
Резултатите од ПИСА 2025 се повторно многу лоши, но тие се одраз на претходно спроведените реформи во образованието, оцени денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, откако Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ги објави резултатите од меѓународното тестирање на 15-годишните ученици.
Јаневска посочи дека актуелната власт дошла во 2024 година, а тестирањето било спроведено само шест месеци подоцна, во 2025 година. Според неа, резултатите од реформите што сега се спроведуваат во образовниот систем ќе можат да се видат за девет до десет години, кога учениците опфатени со нив ќе наполнат 15 години.
Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат дека македонските ученици постигнале резултати под просекот на земјите од ОЕЦД во сите три главни области – математика, читање и наука, како и во решавањето компјутерски проблеми.
На тестот по математика, само 32 отсто од учениците достигнале барем основно ниво на знаење, додека просекот на ОЕЦД е 65 отсто. Во науката, речиси 36 отсто од учениците ги совладале основните концепти, а ниту еден не ги достигнал највисоките нивоа 5 или 6. Во читањето, речиси 26 отсто постигнале ниво 2 или повисоко, но ниту еден од тестираните ученици не го достигнал највисокото ниво.
Во однос на влијанието на технологијата, Јаневска рече дека постојат тези дека таа значително влијае врз резултатите на глобално ниво, но дека не може да се тврди дека причината е само вештачката интелигенција. Како можни фактори ги посочи и социјалните мрежи и неконтролираната употреба на телефони и таблети.
Според неа, децата мора да научат да читаат и пишуваат на традиционален начин и да ги развиваат моториката и умот, додека наставниците треба да ги научат како технологијата да ја користат за критичко размислување и анализа.
Јаневска додаде дека во голем број училишта во Македонија мобилните телефони не се користат во текот на училишниот ден, туку учениците ги оставаат во кутии или други места наменети за тоа.












