Шакира вети дека ќе помогне во изградбата на најмалку 10 нови училишта во тешко погодениот департман Чоко, откако минатата недела во земјотресот загинаа стотици луѓе, а беа оштетени илјадници објекти.
Шакира го даде ветувањето за време на ненајавената посета на Кибдо, главниот град на департманот Чоко, каде што ги посетила оштетените училишта и разговарала со учениците, пренесе „Еј-би-си“.
Таа истакнала дека особено ја загрижува можноста училиштата да останат необновени по завршувањето на вонредната состојба.
Во посетата ѝ се придружил Хауард, синот на милијардерот и филантроп Ворен Бафет, чија фондација ќе соработува со фондацијата на Шакира „Fundación Pies Descalzos“.

Организациите „Global Citizen“ и „Live Nation“ најавија дека за оваа иницијатива ќе донираат по 500.000 долари.
Земјотрес со магнитуда од 7,4 степени на 10 август погоди голем дел од западна Колумбија.
Според податоците на властите, загинале најмалку 287 лица, уништени се повеќе од 26.000 објекти, додека 194 лица се водат како исчезнати.

Во Чоко се уништени најмалку 3.100 куќи, а оштетени се повеќе од 265 образовни објекти.
Фондацијата на Шакира веќе 22 години дејствува во Чоко и раководи со две училишта.

Пејачката изјавила дека сака да помогне и во обновата на локалниот технолошки универзитет.
Чоко е еден од најсиромашните региони во Колумбија, со околу 600.000 жители.

Сообраќајот и комуникацијата се отежнати поради малиот број патишта, додека бројни населени места се поврзани главно преку реки и неасфалтирани патишта.











