ЈП Комунална хигиена-Скопје собра 675 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од сите скопски општини, најмногу во Општина Чаир, каде беа отстранети 130 кубни метри отпад од диви депонии. Се изготвени и 28 записници за прекршувачи на Законот за јавна чистота.
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 3.200 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје.
Во истиот период се отстранети 675 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е подигнат во општината Чаир, каде што се расчистени вкупно 130 кубни метри отпад од диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 28 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 17, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува на жителите на градот Скопје да им ја нуди можноста својот кабаст отпад, во којшто спаѓаат стариот мебел, електронските и електричните апарати, без плаќање паричен надоместок да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот“, соопштија од претпријатието.
Доколку граѓаните имаат потреба ЈП Комунална хигиена-Скопје со специјални комунални возила да го преземе и транспортира кабастиот отпад од нивните домови, оваа услуга можат да ја нарачаат од понеделник до петок, во периодот од 07 до 15 часот, на следните телефонски броеви: 0800 222 33 и 3216644. Услугата се наплатува според однапред утврден Ценовник објавен на веб-страницата на Претпријатието (https://khigiena.com.mk/grid/?id=22).












