Пушењето и алкохолот можат сериозно да му наштетат на здравјето, но која од овие две навики носи поголем ризик? Познато е дека тутунот и прекумерното консумирање алкохол можат да оштетат бројни органи и да го зголемат ризикот од хронични заболувања, вклучувајќи го и ракот.
Сепак, не е едноставно директно да се споредат, бидејќи врз организмот влијаат на различни начини, а ризикот зависи и од тоа колку често и во колкави количества човек пуши или пие. За разликите за „UNILAD“ зборуваше д-р Доналд Грант, лекар по општа медицина и виш клинички советник во „The Independent Pharmacy“.
Што се случува со телото на краток рок?
Никотинот создава зависност, но не е единствената штетна супстанција во цигарите. „Пушењето влијае врз телото речиси веднаш“, вели д-р Грант. „За само неколку минути го забрзува работењето на срцето и го зголемува крвниот притисок, додека јаглеродниот моноксид од чадот го намалува количеството кислород во крвта. Поради тоа, пушачите често забележуваат дека побрзо остануваат без здив при извршување на секојдневните активности“.
Алкохолот делува поинаку, но и неговите последици можат да се почувствуваат многу брзо.

„Веќе по првиот или вториот пијалак ги нарушува координацијата и способноста за расудување, поради што ризикот од несреќи и повреди нагло се зголемува во текот на вечерите кога се консумира поголемо количество“, објаснува д-р Грант. „Многумина претпоставуваат дека алкохолот им помага полесно да заспијат, но тој всушност ги нарушува длабоките фази на сонот. Поради тоа, по таква ноќ следниот ден често се чувствувате уморно и дезориентирано“.
Повременото консумирање алкохол носи помал ризик од редовното и прекумерно пиење, кое со текот на времето може сериозно да го наруши здравјето.
Долгорочните последици од пушењето и алкохолот
И двете навики носат сериозни долгорочни ризици. Пушењето директно се поврзува со рак на белите дробови, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), срцеви заболувања и мозочен удар. Поврзано е и со други видови рак, меѓу кои рак на устата, грлото, мочниот меур и панкреасот. Д-р Грант додава дека пушењето може негативно да влијае врз плодноста и да го забрза стареењето на кожата.
Долготрајното и прекумерно консумирање алкохол, исто така, се поврзува со низа сериозни здравствени проблеми.
„Редовното опивање може да доведе до замастување на црниот дроб и до посериозни оштетувања. Поврзано е и со рак на дојката, устата, грлото и цревата, како и со висок крвен притисок, зголемување на телесната тежина и психички тешкотии кога алкохолот станува начин за справување со стресот“, наведува д-р Грант.

Сè повеќе луѓе повремено одлучуваат целосно да го исфрлат алкохолот, на пример во рамките на предизвици како „сув јануари“, а расте и популарноста на безалкохолните пијалаци и оние со помал процент алкохол. По престанувањето со пиење, некои промени можат да се забележат релативно брзо. Меѓу нив се подобрата хидратација и поквалитетниот сон, додека со текот на времето можат да се подобрат и други показатели на здравјето.
Според податоците на организацијата „Drinkaware“, долготрајното прекумерно пиење го зголемува ризикот од цироза на црниот дроб. Иако веќе настанатата цироза не може да се излекува, престанувањето со консумирање алкохол може да спречи понатамошно оштетување на црниот дроб и да ја подобри прогнозата.
Промените брзо започнуваат и по престанувањето со пушење. Веќе неколку часа по последната цигара нивото на јаглерод моноксид во крвта почнува да се намалува, а организмот постепено се опоравува. Истовремено можат да се појават симптоми на никотинска апстиненција, меѓу кои и силна желба за цигара.

Што е тогаш поштетно?
Пушењето и прекумерното консумирање алкохол не е едноставно директно да се споредат, бидејќи се разликуваат според видот и интензитетот на ризикот, како и според тоа колку често и во колкави количества човек ги консумира. Д-р Грант затоа предупредува дека ниту една од овие навики не треба да се смета за безбедна.
„Сè на сè, тешко е да се каже дека едното е драстично полошо од другото. Намалувањето на која било од овие навики носи вистинска корист за здравјето“, заклучува тој.











