[ВИДЕО] Јавни фрижидери со бесплатна храна во Полска: Секој може да земе што му треба, без пријава и без прашања

Точка

17/08/2026

13:29

509

Големина на фонт

а а а

Во Полска вишокот храна не мора да заврши во ѓубре. Во сè поголем број градови се поставуваат јавни фрижидери и полици каде што граѓаните можат да ја остават храната што нема да ја изедат, но и од каде што можат да земат сè што им е потребно. Без пријавување, проверка на приходите и прашања зошто земаат нешто.

Концепт за намалување на отпадот од храна

Станува збор за таканаречени „community“ фрижидери, односно пунктови за споделување храна. Идејата е едноставна: ако дома имате вишок храна, оставете ја во фрижидерот или на полицата за да може некој друг да ја искористи. Ако нешто ви е потребно, едноставно го отворате фрижидерот и го земате.

Концептот е особено интересен бидејќи не е осмислен исклучиво како форма на помош за сиромашните. Акцентот е ставен на намалување на фрлањето храна, па фрижидерите можат да ги користат буквално сите – студенти, пензионери, семејства, вработени или случајни минувачи кои едноставно пронашле нешто што ќе им биде од корист.


Само во Варшава во моментов има неколку десетици вакви фрижидери, распоредени во различни делови од градот, а бројот на ваквите локации постојано расте. Градот преку кампањата „Don’t waste food – use food sharing“ („Не фрлајте храна – споделете ја“) ги потсетува граѓаните дека храната што нема да ја изедат можат да му ја дадат некому.

Важно е да се почитуваат неколку правила

Правилата се прилично едноставни. Фабрички спакуваните производи може да се остават во фрижидерот или на полицата, додека домашно приготвената храна мора да биде добро затворена и означена со состојките и датумот на подготовка.

Не се оставаат сирово месо, јадења со сирови јајца, производи од непастеризирано млеко, ниту расипана храна.

Важно е да се прави разлика и меѓу ознаките на храната. Производите на кои им поминал рокот „најдобро да се употреби до“ може да се остават доколку и понатаму се безбедни за консумирање, додека храната по истекувањето на рокот „да се употреби до“ не треба да се споделува. Корисниците, исто така, се одговорни за одржување на редот и чистотата во фрижидерот.


Сè започнало пред неколку години

Идејата во Полска почнала да се шири пред неколку години, а денес постојат повеќе од сто официјални локации на „Foodsharing Poland“, покрај дополнителните фрижидери со кои управуваат градови, универзитети, здруженија и локални иницијативи. Во нивното полнење учествуваат и пекарници, ресторани, семејства и поединци. Некој ќе остави леб што не бил продаден на крајот од денот, друг вишок од зготвениот ручек, а трет храна што му останала по празниците.

Ваквите фрижидери решаваат два проблеми истовремено. Храната што можеби би завршила во отпад добива нова шанса, додека лицето што ќе ја земе не мора да поминува низ никакви административни процедури ниту да докажува дека му е потребна.


Токму тоа е можеби и најинтересниот дел од целата идеја. Фрижидерот се наоѓа на јавно место, вратата може да ја отвори секој, а системот функционира врз основа на доверба. Некој го остава она што не му е потребно, друг го зема она што ќе го изеде, а меѓу нив не мора да има никаков контакт.

Полскиот модел на тој начин покажува дека намалувањето на фрлање храна не мора секогаш да подразбира големи државни мерки. Понекогаш е доволно да се постави фрижидер на достапно место и да им се овозможи на луѓето едноставно да го споделат вишокот храна со другите.