[ВИДЕО] „Дали колективно полудевме?“: Туристите со часови чекаат за истата фотографија на Санторини

Точка

17/08/2026

10:05

1.281

Големина на фонт

а а а

Долги колони туристи ги блокираат тесните камени улици на Санторини, додека групи посетители чекаат во редици за фотографирање. Снимките што летово се шират на социјалните мрежи покажуваат колку големи можат да бидат гужвите во Оја, едно од најпосетуваните места на островот. Санторини и понатаму е под силен туристички притисок. Аеродромот на островот во 2024 година забележал околу 2,9 милиони патници.

Сè за совршена фотографија

Особено е погодена Оја, каде што туристите се собираат на неколку од најпопуларните места за фотографирање, меѓу другото и кај црквите со сини куполи. Поради тоа, во тесните премини се создаваат колони, а на одредени снимки се гледаат редици што почнуваат да се создаваат уште наутро.

Гужвите понекогаш доведуваат и до расправии. Еден посетител раскажал дека луѓето во редот сакале физички да се пресметаат со него додека се обидувал да стигне до своето сместување, бидејќи претпоставиле дека сака да се протне пред нив.

И покрај гужвите, инфлуенсерите и понатаму објавуваат фотографии од најпознатите локации. Креативната директорка Луиза Паренте, која на ТикТок ја следат повеќе од 8 милиони луѓе, објавила видео во кое го прикажала чекањето во ред, а потоа и фотографиите од Санторини.


Многу корисници на социјалните мрежи ги коментирале овие сцени.

„Социјалните мрежи го уништија туризмот“, гласи еден од коментарите. „Сето тоа само за на другите да им покажат наместена фотографија, а единствениот вистински спомен од одморот ќе им биде двочасовното чекање во ред во 7 часот наутро“, напишал друг корисник.

Лија Граматикопулу под второто вирално видео додала: „Санторини има многу прекрасни места со уште подобар поглед од овој. Штета е што луѓето одат само таму каде што им наложува ТикТок, наместо да ги прашаат локалците за препорака“.

„Дали сите колективно полудевме?“

Еден турист потврдил дека ваквите ситуации се случуваат. „Моето сместување беше веднаш до тоа место. Четири дена ме навредуваа бидејќи мислеа дека се протнувам. Луѓе, само сакав да стигнам до мојата соба и базенот“.

Друг се пошегувал: „Кога фотографијата со која докажуваш дека одлично си поминал станува поважна од самото уживање!“.


„Дали сите колективно полудевме?“, се запрашала една корисничка.

Во видеото што ја прикажува разликата меѓу очекувањата и реалноста, една инфлуенсерка поставила прашање: „Никој не зборува за редицата што стои зад фотографијата од Санторини. Дали вреди или не?“. Една жена ѝ одговорила: „Тоа е навистина тажно, пред седум години не беше вака“.

Агенции: Сите ја сакаат истата фотографија

Од агенцијата „Santorini Yachting Cruises“ велат дека многу посетители доаѓаат со цел да направат токму одредена фотографија што ја виделе на Инстаграм. Поради тоа, гужвите се концентрираат на неколку локации во Оја.

„Иронијата е во тоа што Санторини е полн со видиковци и скриени катчиња кои се подеднакво убави, а таму нема гужва. Редиците се фрустрирачки, но тие се резултат на следењето на истите трендови и очекувања“, наведуваат од агенцијата.


Една инфлуенсерка снимила како гужвата се зголемува од 7 часот наутро, кога веќе имало многу луѓе, до 10:30 часот, кога се создаваат долги колони. На своите следбеници им советувала да дојдат порано бидејќи фотографирањето подоцна станува „тешко и хаотично“.

Сепак, еден корисник под тоа видео напишал дека Санторини му било најлошото патување досега: „Тоа место нема ништо, куп напуштени згради и немаш што да правиш. Буквално постои само таа една фотографија, која дури и не е нешто посебно“. Друг додал: „Само потсетување дека тоа време што го поминавте во редицата можевте да го искористите за истражување на остатокот од островот“.

Мерки против гужвите и незадоволството на локалците

Санторини во последните години воведе неколку мерки со кои се обидува да го ограничи притисокот од масовниот туризам. За 2026 година, бројот на патници од крузери кои можат да го посетат островот во еден ден е ограничен на 8.000. Правилото е воведено со цел да се намалат најголемите гужви, а за 2026 година дополнително е заострен начинот на пресметување на бројот на патници.

Грција воведе и такса од 20 евра за патниците од крузери кои во текот на главната сезона пристигнуваат на Санторини, како дел од мерките за управување со масовниот туризам.

И покрај овие мерки, проблемот со гужвите не исчезна. Ограничувањето се однесува на патниците од крузери, додека бројот на луѓе кои на островот пристигнуваат со авиони и траекти не е опфатен со истата квота.

Don’t be like these tourists (Santorini)
by

u/kiessl509 in

GreeceTravel

Локалното население со години предупредува на последиците од масовниот туризам. Жителите се жалеле на гужвите, сообраќајот, зголемувањето на трошоците за живот и притисокот врз инфраструктурата. „Reuters“ во 2024 година објави дека Санторини претходната година го посетиле околу 3,4 милиони луѓе и дека локалните власти поради тоа побарале дополнителни ограничувања.

Онур Килиќ (28), вработен во хотел, тогаш изјавил за „i Paper“ дека на островот доаѓаат премногу туристи кои оставаат ѓубре.

„Нам, локалците, ни е тешко бидејќи живееме овде. Патиштата се преполни, а сообраќајот е ужасен. Сето тоа лошо влијае врз животната средина, а цените драстично пораснаа и локалното население повеќе не може да си го дозволи тоа. Мора да се најде рамнотежа. Би можеле да го ограничат бројот на крузери, но владата не презема доволно. Ако продолжи вака, ќе го напуштам островот“, рекол Килиќ.